Во форма на препорака, Европската комисија се обрати до Хрватска да ги прекине мерките за енергетска поддршка до крајот на оваа година, да продолжи со цврстата имплементација на Националниот план за закрепнување и отпорност (НПОО) и на програмата за кохезивна политика и да ја намали зависноста од фосилни горива со побрз развој на обновливи извори
Препораки од Европската комисија до Хрватска
Кога во средата Европската комисија го објави пролетниот пакет на европскиот семестар, кој меѓу другото содржи препораки од областа на економската и социјалната политика, хрватската јавност со големо внимание ја проследи неговата содржина. Причината за тоа е фактот дека во обемниот документ Комисијата пласираше три препораки за Хрватска за оваа и следната година.
За да станат работите појасни, треба да се истакне дека пролетниот пакет се заснова на програмите за стабилност и националните програми за реформи што земјите-членки ги доставија до Комисијата. Оттаму произлегува и неговото значење.
Што се однесува до препораките за Хрватска, треба да се потенцира дека во првата, која и предизвикува најголемо внимание, Комисијата препорачува до крајот на оваа година да се прекинат мерките за поддршка што се во сила за намалување на енергетските трошоци за стопанството и населението и така остварените заштеди да се насочат во намалување на буџетскиот дефицит. Во случај на ново поскапување на енергентите за кое би била потребна дополнителна поддршка, овие поддржувања треба да бидат насочени кон заштита на ранливите домаќинства и бизниси, да бидат фискално достапни и да содржат стимулации за заштеда на енергија. За волја на вистината, треба да се истакне фактот дека Комисијата препорача сите земји-членки да ги укинат енергетските субвенции.
Прва препорака
Првата препорака укажува и на потребата од водење претпазлива фискална политика, со ограничување на номиналниот пораст на примарните нето-расходи на максимум 5,1 отсто во следната година. Исто така, се препорачува да се зачуваат државните финансирани јавни инвестиции и да се обезбеди ефективна употреба на грантовите од механизмот за закрепнување и отпорност и други европски фондови, особено за поттикнување на зелената и дигиталната транзиција.
Понатаму, за периодот по 2024 година, се препорачува да се продолжи со среднорочната фискална стратегија на постепена и одржлива консолидација заедно со инвестиции и реформи што водат кон повисок, одржлив раст со цел да се постигне прудентна фискална позиција на среден рок.
Втора и трета препорака
Во втората препорака, Комисијата вели дека Хрватска треба да продолжи со силно спроведување на планот за закрепнување и отпорност и брзо да го заврши поглавјето РЕПоверЕУ за да започне со негово спроведување што е можно поскоро. Се препорачува и брзо спроведување на програмата за кохезивна политика.
Во третата препорака, комисијата посочува дека е неопходно да се намали зависноста од фосилни горива со побрз развој на обновливите извори, особено ветерната и сончевата енергија и геотермалните извори, преку комплетирање на нецелосната законска рамка, со поедноставување на административните процедури за издавање дозволи и процедури за инсталирање опрема како што се соларни панели во повеќе станбени згради.
Комисијата наведува дека Хрватска увезува околу 53 отсто од потрошената енергија годишно, иако има голем потенцијал во обновливите извори, особено во ветерната и сончевата енергија и геотермалните извори. Во рамките на другиот дел, нешто помалку од половина домашна енергија, имено половина од производството на електрична енергија доаѓа од хидроцентрали, уделот на ветерните електроцентрали е зголемен на 14 отсто, но уделот на сончевата енергија е само еден процент.
Се препорачува и поддршка на малите производители на обновливи извори на енергија, подобрување на преносната и дистрибутивната мрежа на електрична енергија, особено преку подобрување на преносната врска меѓу северот и југот на земјата и побрзо воведување паметни броила.
Исто така, се препорачува побрзо спроведување на мерките за енергетска ефикасност, вклучувајќи и поставување топлински пумпи, за да се намали зависноста од фосилните горива во транспортниот сектор преку промовирање одржливи решенија, особено во железничкиот сектор и електрификацијата на патниот транспорт.
Комисијата, исто така, ѝ препорачува на Хрватска да ги засили своите напори за стекнување вештини потребни за зелената транзиција. Во својата анализа, Комисијата наведува дека недостигот од работна сила и потребните вештини за производство, развој и одржување на технологии со нулта емисија претставуваат тесни грла во транзицијата кон економија со нулта емисија.
Ангел Митревски, специјално за „Нова Македонија“ од Хрватска