Гувернерката Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата на гувернерите во рамките на Самитот на гувернери на централни банки во Црна Гора

Гувернерката на Народната банка на Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, на панел-дискусијата на гувернерите во рамките на Самитот на гувернери на централни банки, министри на финансии и директори на даночни управи во регионот, под наслов „Финансиската и монетарната стабилност во регионот во услови на продолжени геополитички и економски кризи“, кој се одржа во Црна Гора, искажа став дека „и натаму треба да се водат внимателни макроекономски политики“.
Во однос на идните инфлациски движења во економиите во регионот, како мали и отворени економии, таа посочи дека тие ќе бидат условени од неколку битни фактори.
– Првиот е трајноста и големината на надворешните шокови, односно поместувањата на пазарите на примарните производи, врз кои не можеме да влијаеме. Понатаму, важен фактор ќе биде степенот на чувствителност на економиите во регионот на надворешните шокови. Од исклучителна важност за натамошно одржливо намалување на стапката на инфлација ќе биде водењето претпазливи макроекономски политики и нивната добра координација. Со помош на истрајноста во процесот на фискална консолидација ќе се изгради фискалниот простор, но ќе се обезбеди и поддршка во битката со инфлацијата – рече во своето обраќање на Самитот на гувернери на централни банки во Црна Гора, Анита Ангеловска-Бежоска. Е.Р.