Според извештајот објавен од британската добротворна организација „Должничка правда“ минатата недела, африканските влади должат трипати повеќе кон западните приватни заемодавци отколку кон Кина и им се наплатува двојно повеќе камата
Експертска анализа ги детектира главните виновници за катастрофалните задолжувања на земјите од Африка
Западните влади треба да ги „присилат“ приватните заемодавци да ја олеснат отплатата на заемите од земјите со ниски приходи за да се справат со должничката криза, апелираат активистите од невладините организации на глобално ниво. Според извештајот објавен од британската добротворна организација „Должничка правда“ минатата недела, африканските влади должат трипати повеќе долг кон западните приватни заемодавци отколку кон Кина и им се наплатува двојно повеќе камата. Ваквата реакција дојде откако Кина „по грешка“ беше обвинета од западните лидери за неуспехот да се постигне напредок во реструктурирањето на долгот.
Тим Џонс, одговорен за политичките прашања во „Должничка правда“, рече дека Обединетото Кралство и САД се особено важни за зауздување на западните кредитори, бидејќи повеќето меѓународни договори за приватен долг се склучени според британскиот или американскиот закон. Организацијата пресметала дека 12 отсто од надворешниот долг на африканските влади се должи на кинеските кредитори, во споредба со 35 отсто на западните приватни кредитори.
Половина од 22 африкански земји со најголем долг им должат повеќе од 30 отсто на приватни кредитори, додека само шест ѝ должат исто ниво на Кина.
Сепак, некои од заемите на Кина, главно фокусирани на инфраструктурата, беа критикувани поради нивните сурови услови. Во случај на заем за надградба на аеродромот во Ентебе, Владата на Уганда ќе мора да ѝ ги даде на Кина првите 20 години приходи за да го отплати долгот.
Џонс рече дека западните влади не успеале да ги преземат компаниите во нивните земји, кои, за разлика од Кина, не ја суспендираа отплатата на долгот за време на пандемијата. „Западните лидери ја обвинуваат Кина за должничките кризи во Африка, но ова го одвлекува вниманието. Вистината е дека нивните сопствени банки, менаџерите на средства и трговците со нафта се многу поодговорни, но Г7 ги оставаат надвор од контрола. Не може да има ефективно решение за долгот без вклучување на приватните заемодавци. Велика Британија и САД треба да воведат легислатива за да ги принудат приватните кредитори да учествуваат во олеснување на долгот“, рече тој.
Според Светската банка, пандемијата го турна надворешниот долг на земјите со ниски приходи на највисоко ниво во последните 50 години, при што речиси две третини од земјите страдаат или се изложени на ризик од должнички проблеми, како што е неисполнување на заемот. Руската инвазија на Украина предизвика дополнителна загриженост со нарушувањето на цените на храната и стоките.
Во извештајот минатата недела, ОН соопштија дека земјите во развој што се борат со глобалната криза на трошоците за живот, исто така, се оптоварени со високи долгови, исцрпени девизни резерви и зголемени каматни стапки.
Впрочем, Г7 ја призна потребата за реструктурирање на долгот на состанокот минатиот месец. Лидерите рекоа дека „ќе ги повикаат сите релевантни доверители, вклучувајќи ги и земјите што не се членки на Парискиот клуб – како Кина – и приватните кредитори“ да се вклучат повеќе во реструктурирањето на долгот. Исто така, се обврза „успешно“ да ја имплементира заедничката рамка на Г20 за третман на долгот, која беше договорена во 2020 година да понуди олеснување за земјите со ниски приходи со неодржлив долг.
Управната директорка на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, предупреди на криза доколку Кина и другите економии од Г20, чии министри за финансии се состанаа во Индонезија оваа недела, не тргнат побрзо на олеснување на долгот.
Јунгонг Теофилус Јонг, од Африканскиот форум и мрежата за долг и развој, рече дека западните влади треба да ги натераат приватните заемодавци да ги откажат своите долгови. „Мултилатералните и приватните кредитори остануваат најголеми доверители на африканските влади. Заемите од Кина ја зголемија задолженоста на Африка, но многу помалку од западните кредитори. Сите заемодавци мора да учествуваат во олеснување на долгот“, рече Јонг.
Африканските експерти се согласија дека наративот за замката на долгот што Западот го искористи против Кина не е ништо друго, освен „глупости“.
Во меѓувреме, експертите рекоа дека поддршката на Кина за Африка е очигледно влијателна. Експертите велат дека Кина покажа што треба да направи една одговорна глобална сила со целосно спроведување на Иницијативата за суспензија на долговите на Г20 за најсиромашните земји, додавајќи дека Африканците сакаат да видат повеќе такви примери.