Поранешниот американски претседател Доналд Трамп не се појави да сведочи пред конгресната комисија која го истражува нападот на неговите приврзаници на Капитол на 6 јануари минатата година, соопшти денеска американскиот Конгрес.
Со оваа постапка Трамп не се појави на судската покана што комисијата ја издаде во октомври, објавија во заедничката изјава претседателот на комисијата, демократот Бени Томпсон и копретседателката Лиз Чејни, од Републиканската паретија, пренесуваат британските медиуми.
– Вистината е дека Доналд Трамп, како и неколку негови најблиски сојузници, се крие од истрагата на Комисијата и одбива да го направи тоа што го направија повеќе од 1.000 други сведоци – изјавија Томпсон и Чејни.
Комисијата не соопшти какви следни чекори би можела да преземе против Трамп.
Трамп во петокот ја тужеше комисијата на Претставничкиот дом што ги истражува смртоносните немири во Капитол на 6 јануари 2021 година, во обид да ја запре работата на комисијата за неговиот случај.
Британските медиуми пренесуваат дека се очекува републиканците да ја распуштат комисијата, доколку ја освојат контролата врз Претставничкиот дом на САД, по среднорочните избори од минатата недела.