Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека за време на актуелната епидемија на ебола во Демократска Република Конго и Уганда се заразиле 75 здравствени работници, од кои 17 починале.
Претставничката на СЗО во Бунија, Мари-Розелин Белизер, изјави дека засега не е утврдено дали медицинските лица се заразиле на работното место или во приватниот живот, пренесе „Ројтерс“.
Таа нагласи дека организацијата работи на подобрување на заштитата на здравствениот персонал, обезбедувајќи ракавици, заштитна облека и дополнителна обука за спречување на ширењето на вирусот, дури и во најмалите здравствени установи.
Според податоците на СЗО, од 177 анкетирани клиники, само четири првично располагале со соодветна опрема и капацитети за целосна заштита на вработените.
Белизер посочи дека еден од најголемите предизвици во текот на епидемијата бил фактот што само околу 10 проценти од заразените развиле типични симптоми на ебола, како што е крвавењето. Поради тоа, многумина погрешно сметале дека боледуваат од маларија и предоцна побарале медицинска помош, што придонело за дополнително ширење на заразата во семејствата и локалните клиники.
Досега во Демократска Република Конго и Уганда се потврдени вкупно 896 случаи на ебола, од кои 232 завршиле со смртен исход.


































