Случајот „Буча“: Продолжуваат обвинувањата и отфрлањето на обвинувањата за цивилни жртви
Се заоструваат речникот и изјавите во врска со случувањата околу градот Буча. Да потсетиме, официјален Киев обвини дека руската војска, повлекувајќи се од претходно заземените територии, извршила воени злосторства над цивилни жртви. Украинската јавна обвинителка тврди дека се масакрирани 410 украински цивили, а дека 140 од нив веќе биле идентификувани. Во прилог на ова тврдење, јавно беше објавена снимка од градот Буча, во близината на главниот град Киев. Од друга страна, Министерството за одбрана на Руската Федерација ги отфрли во целост обвинувањата од Киев и приложи докази и аргументи дека обвинувањата се фингирани, а дека снимките и фотографиите од Буча се уште една продукција на Киев во копродукција со западните медиуми
Војна со разузнавачки информации и дезинформации
Како поткрепа на своите тврдења, Украинската разузнавачка служба објави листа на која се тврди дека вклучува руски војници што извршиле злосторства врз цивили во Буча. Списокот, објавен на веб-страницата на разузнавачката служба што работи во рамките на Министерството за одбрана, содржи имиња, датуми на раѓање, броеви на пасоши и чинови на околу 2.000 војници.
Од своја страна, Кремљ по добиените информации од руските разузнавачки и безбедносни служби решително изнесе аргументи и материјални докази, при што ги отфрли сите обвиненија во врска со наводното откритие на голем број трупови на цивили по повлекувањето на руските сили. Руското министерство за одбрана соопшти дека Буча е „уште една во низата провокации“.
За издвојување е ставот во Вашингтон од високопозициониран претставник на Пентагон. Тој за медиумите изјавил дека „САД немаат потврда од независни извори за информациите за многубројните жртви меѓу жителите на киевското предградие Буча“.
Не можеме независно да ги потврдиме извештаите за злосторствата во Буча… Ние не можеме независно и самостојно да го потврдиме ова – рекол за новинарите функционерот, кој барал анонимност.
Случајот „Буча“, и без докази за цивилни жртви, ќе биде повод за нови економски санкции кон Русија
Европската Унија најверојатно денеска ќе усвои нова рунда санкции кон Русија, по извештаите за убиства на цивили во северна Украина од страна на руските сили – изјави францускиот министер за европски прашања Клемент Бон за радиото РФИ, додавајќи дека Унијата треба брзо да дејствува и за увозот на гас и јаглен од Русија.
Слична најава доаѓа и од американска страна.
САД и сојузниците во текот на оваа недела ќе објават нови економски санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина – соопшти американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан.
Тој истакна дека разговорите меѓу западните земји сега се однесуваат првенствено за можни мерки „поврзани со енергијата“, многу чувствително прашање меѓу Европејците, кои се во голема мера зависни од рускиот гас. Џејк Саливан рече дека се бара консензус со ЕУ, во рамките на која, исто така, се разговара за нови санкции против Москва.
– САД, исто така, ќе ги објават своите одлуки за дополнителна воена помош за Украина во наредните денови – изјави Саливан пред новинарите во Белата куќа.
Американскиот претседател Џо Бајден завчера рече дека САД „мора да продолжат да ѝ испраќаат на Украина оружје што ѝ е потребно за да ја продолжи борбата“.
Саливан вети дека во наредните денови ќе бидат објавени „нови најави за дополнителна воена помош“ за Украина, но не појасни за што точно станува збор.
САД ќе бараат од Генералното собрание на Обединетите нации да ја суспендира Русија од Советот за човекови права, соопшти во понеделникот американската амбасадорка во ОН, откако Украина ги обвини руските сили за наводни убиства на десетици цивили во Буча. Суспендирањето поради грубо и системско прекршување на човековите права може да го изгласа двотретинско мнозинство на Генералното собрание на ОН, кое се состои од 193 членки.
Учеството на Русија во Советот за човекови права е лакрдија. Тоа е погрешно, оттаму сметаме дека е време Генералното собрание на ОН да изгласа нејзино исфрлање – бараше американската амбасадорка при ОН, Линда Томас-Грин, во текот на посетата на Романија.
Кој би ги оценил објективно „документите што сведочат за вистинската природа на настанот“?!
Кремљ решително ги отфрла сите обвинувања во врска со тврдењата на Киев за откритие на голем број убиени цивили во Буча, во близината на Киев, по повлекувањето на руските трупи.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се огласи и најави дека Русија ќе претстави „документи што сведочат за вистинската природа на настанот“ во украинскиот град Буча, каде што руските сили се обвинети за колеж над цивили.
Преку нашиот постојан претставник (во Обединетите нации) ќе организираме прес-конференција на која ќе ги претставиме документите за вистинската природа на настанот – кажа Лавров.
Веднаш по ова, амбасадорот на Русија во Советот за безбедност на ОН, Василиј Небензја, рече дека приказната дека Русија е одговорна за масакрот во Буча е голема лага.
Сакам да ви презентирам вистински докази за Буча. Додека градот беше под контрола на руската армија, ниту еден жител не беше жртва на насилство. За тоа време жителите се движеа слободно. Тие користеа мобилни телефони за да можат да објавуваат каква било слика или видео од некакво теоретско насилство што беше случај. Но тоа не се случи – рече Небензја.
Тој на прес-конференцијата објави видео од градоначалникот на Буча, за кое рече дека е снимено на 31 март, и тврди дека не се споменуваат масакри од украинската партија во деновите по заминувањето на руската војска и дека се појавила снимката од телата на улица дури на 3 април. Прикажа и снимка од влегувањето на украинските сили, за која рече дека датира од 2 април и дека на неа не се видени тела и дека никој од жителите не го спомнал масакрот.
Еден од најблиските сојузници на Владимир Путин, поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев изјави дека тврдењата оти руските сили егзекутирале цивили во Буча се лаги и пропаганда на Украина и на Западот и дека имаат цел да ја дискредитираат Русија.
Тоа се лаги, кои созреаја во циничната имагинација на украинската пропаганда. Тие лаги се измислени за огромни суми пари – рече Дмитриј Медведев, кој беше претседател од 2008 до 2012 година, а сега е заменик-секретар на Советот за безбедност на Русија.
Случајот „Буча“ е во фокусот на светската јавност, и тоа низ објектив што нема намера лесно да се оттргне од предметот на опсервација. Според аналитичарите во земјава, случајот „Буча“ е исклучително крупна работа и се однесува за сторени (или несторени) злосторства што никогаш не застаруваат. Меѓутоа, уште повеќе, според нив, овде се работи и за „дораснатоста на меѓународното право да се носи со меѓународниот поредок“, односно дека „Буча“ е случајот што ќе покаже „дали меѓународното јавно и воено право ќе се издигне како феникс или тотално ќе биде дезавуирано од некоја од големите сили“.
Подготвил: Марјан Велевски