Фото: Принт-скрин

Федералното обвинителство на Германија соопшти дека на 18 и 20 јануари наредило проверка на бродот, кој можеби е поврзан со експлозиите на гасоводот „Северен тек“, изјави за ТАСС портпаролката на Обвинителството.

– Постои основано сомневање дека бродот, кој е под истрага, можеби бил користен за транспорт на експлозивни направи на 26 септември минатата година до гасоводите „Северен тек 1 и 2“ во Балтичкото Море. Проценката на пронајдените траги и предмети е во тек. Идентификацијата на сторителите и нивните мотиви е предмет на истрага која е во тек. Во овој момент не може да се даваат конкретни изјави на оваа тема – рече портпаролката.

Бродот што можеби бил вмешан во саботажа на „Северен тек“, бил изнајмен од германска компанија, но никој од вработените не е осомничен, рече таа.

Сè уште не е јасно кој е одговорен за минатогодишниот напад на гасоводите „Северен тек“, бидејќи националните истраги не се завршени, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

– Она што го знаеме е дека имало напад на гасоводите „Северен тек“, но не можеме да утврдиме кој стои зад тоа. Во моментов има истраги на национално ниво и мислам дека е правилно да се чека нивниот заклучок пред да кажеме што се случило и кој е сторителот – рече Столтенберг пред денешниот состанок на министрите за одбрана на ЕУ во Стокхолм.

„Њујорк тајмс“ вчера објави дека новите разузнавачки информации кои биле анализирани од американски официјални лица укажуваат на можност дека саботажата била извршена од проукраинска група.