Ова е прв разговор меѓу претседателот на САД, Бајден, и претседателот на Кина, Си Џинпинг, од нивната средба во Калифорнија минатиот ноември, кога беше постигнат договор за одржување на дипломатската стабилност и за отворени комуникациски канали
Светските медиуми пишуваат за ТЕЛЕФОНСКИОТ РАЗГОВОР МЕЃУ ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ НА САД И НА КИНА:
Американскиот претседател Џозеф Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг деновиве имаа телефонски разговор во кој се осврнаа на Тајван, регионалните и глобалните прашања, како и американскиот извештај за наводната непазарна политика на Кина. Според она што стана достапно до медиумите, станувало збор за содржаен разговор, со кој е прекината повеќемесечната пауза во комуникацијата меѓу двајцата светски лидери.
Во текот на разговорот, како што пренесуваат медиумите, Си Џинпинг побарал од Бајден, САД да ја почитуваат политиката на Кина и посочи дека прашањето за Тајван е клучно за кинеско-американските односи.
Американскиот претседател истакнал дека Вашингтон не сака конфликт со Кина и не ја поддржува независноста на регионот на Тајван, истакнувајќи ја важноста на мирот во овој регион и слободата на пловидба во Јужно Кинеско Море, пренесува „Ксинхуа“.
Американскиот претседател наедно на кинескиот претседател му ја изразил „загриженоста на Вашингтон за некои економски практики на Пекинг“, при што нагласил дека Америка ќе преземе мерки за да спречи нејзините напредни технологии да се користат за закана за националната безбедност на земјата, соопшти Белата куќа.
Двајцата лидери разговарале за денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров и Бајден изразил загриженост за поддршката на Кина за руската воена индустрија и нејзиното влијание врз европската и трансатлантската безбедност.
Како што пренесуваат медиумите, двајцата претседатели ќе продолжат да ја развиваат билатералната соработка со најавените посети на американскиот министер за финансии Џенет Јелен и државниот секретар Ентони Блинкен на Кина во наредниот период.
Ова е прв разговор меѓу претседателот на САД, Бајден, и претседателот на Кина, Си Џинпинг, од нивната средба во Калифорнија минатиот ноември, кога беше постигнат договор за одржување на дипломатската стабилност и за отворени комуникациски канали.