Фото: Игор Бансколиев

ЕУ го удвојува бројот на противпожарни бригади пред летниот период

Европската Унија (ЕУ) двојно го зголеми бројот до 28 на достапни авиони за да помогне во борбата против шумските пожари во блокот и во соседните земји, изјави за јавноста еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич

Подготвил: Mарјан Велевски

Десетте авиони „канадер“ за гаснење пожари, 14 лесни амфибиски авиони и четири хеликоптери ќе бидат на располагање за летната сезона на пожари за која се очекува противпожарните екипи да имаат полни раце работа, рече Ленарчич во интервју за „Јуропеан њузрум“.

Тој истакна дека оваа година веќе започнала многу посуво од просекот, забележувајќи ги до неодамна актуелните суши во Португалија, Шпанија, јужна Франција и во северна Италија, од кои некои оттогаш доживеаја поплави бидејќи дождовницата се бореше да навлезе во исушена почва. Невообичаената рана суша, во комбинација со порастот на температурите што сега ги доживува Европа, се „главен двигател на шумските пожари“, рече Ленарчич.

Откако во 2022 година беше најжешкото европско лето досега, шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во септември го објави планот за двојно зголемување на воздушната флота за гаснење пожари. Флотата е распространета стратегиски низ ЕУ, за да може брзо да реагира низ целиот блок кога пожарите се разгоруваат во критичните месеци од јуни до октомври. Авионите се стационирани во 10 земји-членки: Хрватска, Кипар, Чешка, Франција, Германија, Грција, Италија, Португалија, Шпанија и Шведска. ЕУ ги обезбедува средствата за националните власти на тие земји да можат да ја одржуваат флотата во состојба на подготвеност.

Леталата со мала брзина се клучни средства за борба против шумските пожари, со нивната способност да истураат тони вода врз пожар на прецизни локации. Конкретно „канадерите“, авиони направени од канадската компанија „Де хавиланд“, ја докажаа својата вредност во претходните сезони на пожари. Покрај тоа, рече Ленарчич, повеќе од 400 пожарникари ќе бидат претходно распоредени во Грција, Франција и во Португалија.

Европскиот координативен центар за кризи овој месец слави една деценија од своето постоење, поддржувајќи го механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој се користи, меѓу другото, за испраќање опрема, храна и лекови во Украина. Беше активиран и за испраќање вакцини за ковид-19 во земји што не се членки на ЕУ и за репатријација на граѓани на ЕУ за време на пандемијата на коронавирусот. Неодамна, тој се користеше за помош на населението погодено од разорниот земјотрес во југоисточна Турција и во северна Сирија.

Механизмот на ЕУ беше создаден во 2001 година. Во првите две децении, тој беше активиран во просек 20 пати годишно. Во последните неколку години, тоа се зголеми на околу 100 пати годишно, рече Ленарчич, додавајќи дека најверојатно ќе бидат потребни повеќе финансии во годините што доаѓаат за да може да одговори на предизвиците.

Покрај вештачките и природните катастрофи, како Украина и земјотресите, Ленарчич предупреди дека човештвото сè повеќе ќе се соочува со настани поврзани со временските услови што се последица на климатската криза. Тој истакна дека се потребни повеќе финансии поради климатските промени, бидејќи постои зголемена фреквенција и интензитет на природни катастрофи.