Тешко вооружен напаѓач убил шест лица, вклучувајќи три деца во христијанско училиште во Нешвил, пред да биде усмртен од полицијата, што претставува преседан меѓу оружените напади во САД, бидејќи злосторството било извршено од жена.
Повеќето сторители во масовните оружени напади во САД се мажи, според националната база на податоци што ги следи ваквите злосторства во Америка од 1966 година, пренесува „Њујорк тајмс“. Во 172-та забележани напади, во кои имало најмалку четири жртви, единствено четири сторители биле жени, а во два случаја дејствувале заедно со мажи. Ниту едно пукање во основните училишта во САД досега не било изведено од жена, според информациите на американскиот весник.
Постоеше збунетост и околу полот на напаѓачот од Нешвил, откако полицијата соопшти дека осомничената е родена како жена, но наведе идентитет на маж, што сугерираше дека станува збор за трансродово лице.
Синоќешното пукање се случило во училиштето „Ковенант“ основано од Презвитеријанската црква во 2001 година, во кое имало околу 200 ученици од предучилишна возраст до шесто одделение.
– Полицијата кај жената која го изведе нападот во училиштето во Нешвил и притоа уби шест лица, пронашла бележник во кој било нотирано дека таа планирала и напади на други локации – соопштија надлежните.
Во пронајдениот „манифест“ се наведувало дека „ќе има убиства на неколку локации и училиштето е едно од нив“, изјави шефот на полицијата во Нешвил, Џон Дрејк за американската телевизија.
Нападот го извела трансродовата жена Одри Елизабет Хол (28), која била пронајдена мртва по оружена пресметка со полицијата.