Петер Пелегрини / Фото: ЕПА

Спикерот на парламентот и кандидат на владејачката партија Петер Пелегрини освои повеќе од 53 проценти од гласовите победувајќи го противкандидатот Иван Корчок, со што партијата на премиерот Роберт Фицо ја презеде целосната контрола на власта во земјата

УШТЕ ЕДНО КАМЧЕ ВО ЧЕВЕЛОТ НА ЗАПАДОТ

Словаците уште еднаш испратија јасна порака до Европа и до западните сојузници дека тие поддржуваат политика што ги промовира нивните национални интереси. Така беше на парламентарните избори што убедливо ги доби Роберт Фицо, така беше и на претседателските изминатата сабота, кои убедливо ги доби Петер Пелегрини, за кого светските медиуми истакнуваат дека не се води слепо од политиките на Брисел, но дека, сепак, е поумерен од премиерот Фицо. Неговиот противкандидат, бивш министер за надворешни работи, фаворизиран медиумски како „прозападен“, освои 46,7 отсто од гласовите, што беше,сепак, далеку од резултатот на Пелегрини – 53,2 проценти.
– Ветувам дека ќе бидам претседател на сите граѓани. Ветувам дека секогаш ќе ги бранам интересите на Словачка – изјави по победата Пелегрини.
Пелегрини (48) е долгогодишен сојузник на премиерот Роберт Фицо, така што победата е поттик за словачкиот премиер во политичкиот пресврт, кој вклучува прагматични врски со Русија и планови за реформа на кривичниот законик и јавната телевизија, предизвикувајќи загриженост за слабеење на владеењето на правото, наведува Ројтерс.

УКРАИНСКА РЕТОРИКА ВО КАМПАЊАТА

Фицо претходно го избра Пелегрини за премиер, откако тој беше принуден да се повлече поради јавните антикорупциски протести по убиството на истражувачки новинар во 2018 година. Пелегрини подоцна се одвои од Фицо за да ја формира својата партија Хлас (Глас), полиберална и поблиска кон центарот отколку популистичката левичарска партија Смер на Фицо, но заедно со него и со националистичката СНС, тој ја формира владата во октомври минатата година.
Тој би можел да му помогне на премиерот да ги намали казните за корупција.
Словачките претседатели немаат голема извршна моќ, но можат да стават вето на законите или да бараат од уставниот суд да се изјасни по нив. Претседателите номинираат членови на уставниот суд, што може да биде важно во претстојните битки околу реформите на Фицо што драматично ќе ги намалат казните за корупција, забележуваат повеќе западни медиуми.
Во кампањата, Пелегрини се обиде да го прикаже Корчок како воин поради неговата поддршка за испраќање оружје во Украина и рече дека може да ги доведе словачките војници во војна, што Корчок го негираше.
Пелегрини важи за поумерен од Фицо, а претходно изјави дека неговиот избор нема да значи брзање за промена на надворешната политика.
– Не станува збор за идниот правец на надворешната политика, јас сум и гаранција, како и другиот кандидат, дека ќе продолжиме да бидеме силна членка на ЕУ и НАТО – изјави тој.
Независниот Корчок, кој изненадувачки освои најмногу гласови во првиот круг пред две недели, беше пратеник на Словачка во ЕУ, а подоцна и амбасадор во САД, пред да ја преземе функцијата министер за надворешни работи во владите на десниот центар во периодот 2021-2022 година. Во тоа време Словачка беше верен сојузник на Украина, обезбедувајќи ѝ противвоздушна одбрана и борбени авиони. Владата на Фицо го прекина тоа откако ја презеде власта.

КОРЧОК РАЗОЧАРАН

Корчок, кој беше и амбасадор на земјата во САД, доцна во саботата го призна поразот: „Разочаран сум, да бидам искрен, но како спортист морам да го почитувам резултатот“.
Во исто време тој ја осуди агресивната кампања на тактиката на таборот на Пелегрини.
Откако Корчок го победи за пет процентни поени во првиот круг од изборите пред две недели, Пелегрини на 24 март вети дека ќе ја „одржи пристојноста“ и „дека нема навлегува во агресивни тактики“ пред вториот круг в сабота. Но, само два дена подоцна, Фицо го осуди Корчок како „креатор на војна, кој без двоумење поддржува сѐ што му кажува Западот, вклучувајќи и вовлекување на Словачка во (руско-украинската) војна“.
Корчок, поддржан од опозицијата, рече дека не гледа причина да испрати словачки војници да се борат во соседна Украина, но додаде дека го поддржува Киев во неговата војна против инвазијата на руските сили, бидејќи „безбедноста на Украина ја зголемува нашата сопствена безбедност… Јасно е дека ако Украина ја изгуби војната, ја носи војната многу поблиску до нашата граница“.
Потоа дојде редот на Ерик Томаш, министер за социјални прашања и член на партијата на Пелегрини, кој на прес-конференција на 27 март рече: „Сакам да им кажам на луѓето, постарите и на сите ризични групи, дека ако Корчок стане претседател и оваа влада падне, ќе ги изгубите сите ваши социјални бенефиции“.
Говорејќи на истата прес-конференција, Пелегрини се наврати на пандемијата на ковид-19, која се случи за време на претходната влада во 2020-2023 година, во која Корчок беше министер за надворешни работи. Исто така, на страната на пензионерите, Пелегрини рече дека „за време на пандемијата, тие беа затворени дома… ги замрзнаа минималните пензии, на кои едвај можеш да преживееш, а неколку години не ги зголемија ниту за денар“. Х.И.


Социјални бонуси

Министерот за одбрана Роберт Калинак на 28 март објави дека околу 20.000 словачки војници и вработени во Министерството ќе добијат пролетен бонус од 500 евра. Потоа министерот за внатрешни работи Матуш Шутај Ешток – исто така член на партијата Хлас на Пелегрини – објави на социјалните мрежи дека речиси 24.000 полицајци и пожарникари ќе добијат бонус од 500 евра и во нивните следни пакети со плати.
– Сигурно ова се случи непосредно пред вториот круг од претседателските избори бидејќи тие имаат толкава почит кон нашите вооружени служби. Сигурно тоа нема никаква врска со изборната корупција – рече Јурај Крупа, пратеник на опозициската партија Слобода и солидарност (СаС).