Фото: Принтскрин

Сината значка што ја означува автентичноста на профили на социјалната мрежа Твитер, отсега првенствено ќе укажува дека тоа е профил што му припаѓа на некој што му плаќа осум долари на Илон Маск – еден од најбогатите луѓе во светот.

Како што објави Маск неделава, Твитер ќе ги отстрани ознаките од илјадници „стари“ проверени профили – оние што компанијата претходно ги сметала за „активни, значајни и автентични“ – освен ако тие корисници не се претплатници и на опцијата „Твитер блу“ која чини осум долари месечно.

Такa некои од најследените славни личности на Твитер го изгубија статусот што ја потврдува автентичноста на нивните профили, вклучувајќи ги Џастин Бибер, Кејти Пери, Лејди Гага, Ким Кардашијан, Селена Гомез, Бил Гејтс, Џенифер Лопез, Бијонсе, Опра Винфри, Доналд Трамп…

Некои, пак, како што е кошаркарската ѕвезда Леброн Џејмс и актерот Вилијам Шатнер од „Ѕвездени патеки“ изјавија дека не ни имаат намера да платат за оваа услуга.