Предизвиците што се кријат зад процесот на проширување на Алијансата со нордиските земји кандидати
Кога Шведска и Финска ја објавија својата намера да му се приклучат на НАТО минатиот мај, тоа во Кремљ беше сфатено како нова провокација за Русија, а во западниот свет беше сфатено како порака дека неутралноста на нордиските земји е релативизирана и дека „силата на гравитацијата за Нордијците е поместена уште позападно, кон Брисел и Вашингтон“.
Нордиската неутралност се топи, а Турција го замрзнува процесот
Историски гледано, двете земји, и Шведска и Финска, се обврзаа на „неповрзаност со НАТО“ како начин да ја избегнат конфронтацијата со Москва. Меѓутоа, очигледно, украинскиот конфликт го промени тоа. Сега и Финска и Шведска, заедно со огромното мнозинство сојузници на НАТО, би сакале да ги видат овие две земји официјално да ѝ се приклучат на Алијансата на самитот на НАТО на 11 јули. Сепак, на патот ова да стане реалност стои значајна пречка: Турција! Всушност сѐ се сведува веќе на тоа дали официјална Анкара ќе се согласи да му даде на планот формална и официјална афирмација со својот потврден одговор.
Но за издвојување е фактот дека иако Турција е колосалната пречка, сепак за Шведска и Финска постојат и други помали пречки како предизвици за решавање на патот кон НАТО. На пример, Унгарија исто така не го ратификува пристапувањето на Нордијците, што дополнително го отежнува процесот. Меѓутоа, според добрите познавачи на односите внатре во НАТО, сепак приоритетно (и потешко) е да се придобие Турција.
Дипломатите на НАТО се поделени за тоа дали Турција ќе попушти пред самитот во јули. Централно место во двете школи на размислување се годинешните турски избори, кои се сметаат за најголема политичка закана со која се соочил Ердоган во изминатите години.
За жал, на про-НАТО опцијата дека интеграцијата ќе тече непречено, меѓу западните аналитичари има сè поголем број песимисти.
Зошто Турција противречи?
Официјално, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се противи на членството на Шведска и Финска поради, како што тврди, безбедносни причини. Турција тврди дека двете земји, а особено Шведска, засолнуваат милитанти од забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК), означена како терористичка група во Турција, Шведска, САД и Европа. Ердоган вели дека би сакал овие лица да бидат екстрадирани, а Шведска јасно стави до знаење дека нема да се случи тоа.
– Во моментов во Турција има големо антизападно и антикурдско расположение. Тоа е добра подлога за актуелниот претседател Ердоган да го сврти вниманието кон себе – објаснува Ѓонул Тол од програмата за Турција на Институтот за Блискиот Исток.
Според изјавата на Ѓонул Тол за јавноста, тој верува дека има и други причини поради кои Ердоган не сака да влезе во некакви нови конфронтации со рускиот претседател Владимир Путин.
– Русија е економски спас за Турција откако другите нации воведоа санкции за нивните активности во Сирија. Без руски пари, Ердоган немаше да може да ги зголеми платите или да обезбеди финансиска поддршка за студентите. Тој сега ветува масовна обнова, постземјотресна обнова. Затоа, Русија сè уште е атрактивен партнер за Ердоган – аргументира Ѓонул Тол од програмата за Турција на Институтот за Блискиот Исток.
Како и многу западни функционери, Ѓонул Тол верува дека турските тврдења за Шведска и Финска за засолниште на терористи даваат совршено покритие за Ердоган да не се вклучи во политички неповолно време за прашањето на НАТО.
Иако можеби нема ништо од разговорите меѓу трите партии што треба да се одржат утре (четврток), се води разговор за тоа колку политички капитал Ердоган би можел да потроши по изборите, доколку победи.
И за Брисел и за Москва има и оптимистичко и песимистичко сценарио
Интересно е што оптимистичкото сценарио за Брисел е всушност песимистичко сценарио за Москва и, обратно, она што е песимистичко за Брисел влева оптимизам во Москва.
Имено, варијантата што е оптимистичка за Брисел ги опфаќа секако и Шведска и Финска, но засега и некои од државите што граничат со Русија или живееле под советската сфера. Сите тие веруваат дека Турција, која има огромна корист од тоа што е дел од НАТО, на крајот „ќе го направи она што е во нејзин најдобар интерес и ќе се откаже од опструкцијата, односно од своето несогласување Шведска и Финска да се приклучат кон НАТО“. Но за да се случи ова, сите тие се надеваат (и работат на тоа) Анкара да постави „пореални барања за предавањето поединци за кои смета дека се терористи“. Исто така битен услов е еден внатрешен, кој се однесува на омекнување на тврдите позиции на преостанатите членки на НАТО кон Анкара во однос на укинувањето на санкциите кон Турција или, попрецизно, „дозволувањето од САД на Турција да купи борбени авиони“, кои сериозно многу ѝ требаат за да ги задржи своите воздушни сили во чекор со времето. Оптимистите веруваат дека премолчно постои компромис што во голема мера го фаворизира НАТО. Алијансата има политика на отворени врати за секоја земја што сака да се приклучи. Шведска и Финска дури и отповеќе ги исполнија критериумите. Еден функционер на НАТО, со доза на анегдота во најава, изјави за Си-ен-ен дека претпоставувале дека Ердоган ќе го чека самитот пред попушти, за да може да ужива во „пофалбите на сите негови западни сојузници“.
Натежнува мислењето дека Турција сепак нема да се согласи за НАТО-проширувањето
Многу поголема група меѓу официјалните лица што дадоа свое мислење за Си-ен-ен се песимистите за проширувањето на Алијансата. Тие сметаат дека шансите Ердоган да ја смени својата позиција пред 11 јули се нула и веќе размислуваат надвор од тој самит.
– Мислам дека е сè поверојатно Финска да се одвои од Шведска и сама да оди на членство – изјави еден дипломат на НАТО за Си-ен-ен.
Другите членки на Алијансата сè уште гледаат реална перспектива двете земји да бидат блокирани и размислуваат како НАТО најдобро може да се справи со таквото сценарио.
Повеќе функционери и дипломати на НАТО изјавија дека опасноста тука е блокадата на Турција што го потхранува наративот на Кремљ дека Западот и НАТО се поделени. Работата на Алијансата во тој момент ќе биде јасно да покаже дека дури и ако не се членки, Финска и Шведска сега се ефективно во чекор со НАТО. Можеби не се членови, но тие се блиски партнери колку што е можно – и повеќе не се неутрални.
Но дури и ако Турција се согласи, не треба да се игнорира и унгарското спротивставување кон проширувањето на Алијансата, иако тоа се смета за помалку комплицирано за решавање, од она како што е турското. Имено, премиерот Виктор Орбан јавно укажа дека не се противи на приклучувањето на нордиските нации, но продолжува да наоѓа начини како да ја закочи одлуката да стане официјална.
Има неколку причини поради кои Орбан би сакал да се почека со конечното решение. И Финска и Шведска ја критикуваа Унгарија за нејзиното владеење на правото. Тој се осврна на ова во едно неодамнешно интервју, прашувајќи како „може некој да сака да биде наш сојузник во воениот систем додека бесрамно шират лаги за Унгарија“.
Западните медиуми го сметаат Виктор Орбан за лидер на ЕУ најблизок до Путин. Каталин Чех, унгарска пратеничка во Европскиот парламент, го опишува блокирањето на Орбан на понудите на Шведска и Финска како „едноставно уште една услуга за Владимир Путин“. Таа верува дека Орбан, кој е обвинет дека се движи кон автократско лидерство, „инвестирал повеќе од една деценија за да ја копира неговата политика и да изгради путинистички модел“ и дека секоја перципирана победа на НАТО над Путин „го става во опасност целиот негов режим“.
Можно е Орбан да виси за да добие отстапки од другите земји-членки на ЕУ, каде што Унгарија е обвинета за прекршување на сите видови закони на ЕУ. Резултатот беше задржување на средствата на ЕУ и презир од блокот. Иако НАТО и ЕУ се посебни ентитети, тие споделуваат многу членки и веродостојно е дека билатералната дипломатија би можела да види „давање и земање, купи- продај или едноставно пазарење“ меѓу Унгарија и ЕУ.
Сепак, додека не се постигне договор, иднината на Алијансата останува донекаде во воздух. Финска и Шведска практично избраа страна од почетокот на украинскиот конфликт. Малку е веројатно дека тие ќе се вратат на позицијата на неутралност ако војната ненадејно заврши.
Ризикот за НАТО и пошироката западна алијанса доаѓа доколку тие воопшто не успеат да се приклучат на Алијансата и Кремљ може да го искористи тоа во корист на своите поставени стратегиски цели, а наративот за поделен Запад ќе биде со уште еден аргумент и пример плус.