Фото: Пиксабеј

„Ројтер“

Противракетниот одбранбен систем „Патриот“ од американско производство што го користат украинските сили најверојатно претрпел одредена штета од руски воздушен напад, но се чини дека не е уништен, изјавија двајца американски претставници за новинската агенција „Ројтерс“.

Пријавеното оштетување на ракетниот одбранбен систем дониран од САД дојде откако руското Министерство за одбрана во вторникот соопшти дека руската хиперсонична ракета „Кинжал“ уништила ракетна батерија „Патриот“ во Киев.

Американски функционер, кој сакал да остане анонимен и цитирајќи првични информации, рекол дека Вашингтон и Киев веќе разговараат за најдобриот начин за поправка на системот „Патриот“ и дека во овој момент се чини дека системот нема да мора да биде отстранет од Украина.

Официјалниот претставник рече дека САД ќе имаат подобар поглед на штетата во наредните денови и дека информациите може да се променат со текот на времето.

Во обемниот руски ракетен напад врз Киев, воружените сили на Украина соопштија дека пресретнале 18 руски ракети, меѓу кои имало и шест хиперсонични „Кинжал“, за кои рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу тврди дека се несоборливи. Руската страна негира дека нивните проектили, наводно 25 на број, биле уништени и соопшти дека во нападот целосно бил уништен системот Патриот.