Кинескиот претседател Си Џинпинг, кој е во тридневна државна посета на Русија, денеска изјави дека го поканил рускиот претседател Владимир Путин оваа година да ја посети Кина.
Кинескиот лидер ова го изјавил на средбата со рускиот премиер Михаил Мишустин, пренесуваат руските медиуми.
Си Џинпинг го покани и Мишустин што поскоро да ја посети Кина, со цел да се врати механизмот за редовни средби меѓу шефовите на владите на двете земји.
Тој објасни дека избрал прво да ја посети Русија откако по третпат е избран за претседател на Кина бидејќи, како што наведе, тоа одговара на историската логика.
-Ние сме најголеми земји и стратешки партнери – рече Си.
Путин и Си Џинпинг се пред вториот ден од разговорите за економските односи и се очекува двете страни денеска да потпишат два големи договора за проширување на „сеопфатното партнерство“ и за „стратешката соработка“.
Како што пренесуваат странските агенции, Си и Путин вчера разговараа четири и пол часа, нарекувајќи се еден со друг „драг пријател“, а меѓународно изолираниот руски лидер рече дека е отворен да разговара за предлозите на Кина за решение на војната во Украина.
Рускиот лидер за време на средбата рече дека е отворен за разговори за Украина и го пофали предлогот на Пекинг за конфликтот од 12 точки, што вклучува повик за дијалог и почитување на територијалниот суверенитет на сите земји.
Економската соработка ќе заземе централно место денеска во разговорите меѓу кинескиот и рускиот лидер.
Двете страни треба да потпишат два големи договора за проширување на „сеопфатното партнерство“ и „стратешката соработка“, соопшти Кремљ. На состанокот ќе присуствува и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу. Според Москва, на дневен ред се и прашања за воено-техничката соработка.
Според Кремљ, по разговорите се планирани изјави на Путин и Си.