Украина

Меѓународната јавност со големо внимание го следи развојот на настаните во Украина, кои многумина ги толкуваат како тектонски промени. Она што подолго време се најавуваше и се шпекулираше, конечно се реализира – претседателот на Украина, Володимир Зеленски, го разреши командантот на вооружените сили, Валериј Залужни, и на таа позиција го назначи Александар Сирски. Ова за многумина е само почеток на промените во военото и политичкото раководство на Украина. Како што оценуваат најголемиот број од аналитичарите, главната причина за разрешувањето била политичка. Рејтингот на Залужни се проценува дека станал повисок од оној на претседателот, а самиот врховен командант на вооружените сили на Украина се претворил во фигура околу која постепено би можеле да се концентрираат сите противници на Зеленски, коментира хрватски „Индекс“ во опширната анализа на оваа тема.

Загриженост на Западот

Дополнително, Залужни никогаш јавно не потврдил дека има политички амбиции, но и не ги демантираше. Конечно, сознанието дека постои можна конкуренција во форма на Залужни речиси сигурно влијаеше на одлуката на претседателот да се откаже од идејата за одржување избори на крајот на март 2024 година, проценуваат аналитичарите. Така, разрешувањето на Залужни е исто така дел од поширок процес на концентрацијата на власта во земјата во рацете на Зеленски, која се подготвува за долга војна, па тој се обидува да ги исчисти сите алтернативни влијателни групи, дури и потенцијални.
Западните медиуми, според досега објавеното, ја споделуваат загриженоста на САД од одлуката за отпуштање на Залужни. Тој ги сметаше наредбите на Зеленски за нереални и директно преговараше со сојузниците за снабдување, исклучувајќи го Министерството за одбрана од процесот.
Тајмс, повикувајќи се на воени извори, веќе претходно објави дека Зеленски прво побарал од Залужни да поднесе оставка на 29 јануари, но тој одбил.
Во интервју за италијанската ТВ Раи на почетокот на февруари, Зеленски за првпат потврди дека размислува за разрешување на врховниот командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни.
– Ни треба ресетирање, промена на раководството, не само воено. Ни треба нов почеток, зборуваме за нови луѓе што ќе ја водат земјата – рече Зеленски, одговарајќи на прашање за гласините за раскол со военото раководство.
Тој рече дека има на ум сериозно ресетирање што не се однесува на една личност, туку на општата насока на раководството на земјата.
– Мислам на ротација на цела низа владини функционери, не само во еден сектор, како што е војската. Ако сакаме да победиме, мора сите да одиме во иста насока, сигурни во победата, не може да се обесхрабриме, мора да ја имаме вистинската позитивна енергија. Затоа зборувам за рестартирање, замена. Кога го кажувам тоа, имам нешто сериозно на ум – рече Зеленски во интервјуто.

Кој е Сирски?

Александар Сирски, новиот врховен командант на вооружените сили на Украина, е етнички Русин, роден и образован во Русија. Воената служба ја започнал во 1986 година во советската армија. За време на војната во Донбас во 2014 година, тој учествуваше во командата на одбраната на Дебаљцев, кој подоцна беше заробен од проруските сили. Тој беше командант на копнените сили на вооружените сили на Украина и командуваше со успешни операции како што се одбраната на Киев и офанзивата во регионот Харков во есента 2022 година, а учествуваше и во една помалку успешна операција – одбраната на Бахмут во 2023 година.
Интересно е што родителите и роднините на Сирски сѐ уште живеат во Русија. Според рускиот портал „Радовка“, таткото на Сирски е пензиониран полковник на Вооружените сили на Русија. Агенцијата ТАСС разговараше и со братот на генералот Олег, кој напомена дека не комуницира со својот брат. Сепак, информацијата за братот не е потврдена, а на пример „РИА новости“ пишува дека се работи за „наводен брат“.
Какво влијание ќе има промената на врховниот командант на вооружените сили на Украина врз текот на војната? Нашироко се верува дека Залужни често му противречел на претседателот, а дека Сирски ќе ги исполни сите негови барања.
Состојбата на фронтот и можностите на самата армија ќе играат одлучувачка улога во идните акции. Во моментов има недостиг од персонал и муниција, што најверојатно нема да им дозволи на украинските вооружени сили да започнат офанзива од големи размери во блиска иднина.
Политичките последици од смената на Залужни зависат од две работи. Првиот е начинот на кој поранешниот врховен командант ќе се појави во јавноста – колку јавно и политички ќе биде активен, дали ќе зборува за разрешување на Зеленски, што ќе прави, дали ќе остане во војската или во државниот апарат…
Второ, последиците од таа промена зависат од општата состојба во земјата и на фронтот. Секоја промена на подобро или на полошо што ќе се случи во јавната свест и војската ќе биде поврзувана со промената на врховниот командант.
Засега најгласните критики за одлуката за негова смена доаѓаат од кругот близок до поранешниот претседател Порошенко, кој е најсилната опозиција на актуелниот претседател на Украина. Некои од поддржувачите на Порошенко не само што се противат на оставката на Залужни туку и го дискредитираат новоименуваниот врховен командант.

Подготвил: Mарјан Велевски