Руските војници методично ги извршуваат зададените задачи во специјалната операција во Украина – изјави денеска рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на безбедносниот форум Ксианшан, кој се одржува во Пекинг.
Тој посочи дека руските вооружени сили ќе продолжат методично и самоуверено да ги извршуваат своите задачи и да ја гарантираат безбедноста на цивилите – објави „РИА Новости“, а пренесе „Танјуг“.
Шојгу тврди дека од 4 јуни, кога започна контраофанзивата на Украина, повеќе од 90.000 украински војници биле убиени или ранети.
Според неговите изјави, Украина од почетокот на контраофанзивата изгубила околу 600 тенкови и речиси 1.900 оклопни возила од различни класи, а не постигнала никаков тактички значаен успех на бојното поле.
Од 29 до 31 октомври во Пекинг се одржува 10. Форум Ксианшан, во организација на Академијата за воени науки на кинеската армија и Кинескиот институт за меѓународни стратешки студии.
На форумот традиционално присуствуваат министри за одбрана, експерти и поранешни воени претставници од различни земји.