Фото: принтскрин

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун денеска ја одбележа 75-годишнината од основањето на КНДР со парада на паравоени формации и дипломатски контакти, изразувајќи ја својата подготвеност да ги продлабочи врските со Кина и Русија.

Ким ја следеше парадата на плоштадот Ким Ил-сунг во Пјонгјанг и разговараше со претставниците на кинеската делегација која по повод празникот пристигна во Северна Кореја и е предводена од вицепремиерот Лиу Гоџонг – пренесе севернокорејската новинска агенција KCTA.

Кинескиот претседател Си Џинпинг му испрати писмо на севернокорејскиот лидер во кое ја изразува желбата да ги зајакне стратешките комуникации и соработката на работно ниво мешу двете држави.

Писмо до Ким испрати и рускиот претседател Владимир Путин, во кое се вели дека двете земји ќе ги прошират билатералните врски за да осигураат безбедност и стабилност на Корејскиот Полуостров и во североисточна Азија.

Заедно со Ким Џонг-ун на парадата беа и неговата ќерка Ким Џу-е, кинески и руски дипломати. На парадата учествуваше и рускиот воен оркестар „Александров“.

За време на парадата, падобранци слетаа на плоштадот, а авиони летаа во формација на небото, при што беше прикажан бројот „75“.

Во свечен марш низ плоштадот поминаа формации на Работно-селанската црвена милиција и воена опрема.

Парадата се одржува во време кога Северна Кореја се обидува да ги зајакне врските со Кина и Русија и да посвети уште поголемо внимание на развојот на ново оружје, со оглед на продлабочувањето на воената соработка меѓу Јужна Кореја, САД и Јапонија.

Парадата беше одржана и поради веста дека Северна Кореја изградила „тактичка нуклеарна нападна подморница“ способна да изврши нуклеарен напад. Водачот Ким Џонг-ун вети „понатамошно зајакнување на потенцијалот за нуклеарно одвраќање“ на неговата земја.

Севернокорејскиот лидер наводно следната недела се очекува да отпатува во рускиот град Владивосток за да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин и да разговара со него за можен договор за вооружување.