Сепак исклучително е битно да се подвлече дека на овие избори гласале 84,2 проценти од вкупниот број избирачи. Процентот покажува висок степен на политичка свест дека преку избори можат и се менуваат работите! Високиот одзив е потврда за високиот легитимитет што го обезбедуваат политиките и на едните и на другите!
За изборите во Шведска и по нив
Во четвртокот наутро, во 11 часот, премиерката на Шведска, Магдалена Андерсон, се сретна со спикерот на парламентот за да ја даде својата оставка на премиерската функција.
Го известив спикерот дека ако умерените се премислат и ако сакаат да соработуваат со мене наместо со шведските демократи, мојата врата е отворена за Улф Кристерсон. Она што го кажав пред изборите, природно важи и по изборите – рече Магдалена Андерсон, кога по средбата се сретна со новинарите во прес-центарот на Риксдагот.
Оставката на премиерот во услови кога не е завршен периодот за жалби и постапување по нив од актуелниот изборен процес отвора една поинаква постизборна перспектива. Имено, спикерот (претседателот на парламентот) сега ќе треба да отвори процедура за избор на премиер што има најголема доверба во постојната политичка констелација. Тој ќе треба да формира преодна влада, која ќе управува со земјата до формирањето на новата, но нема да презема нови политички иницијативи.
Во меѓувреме почнаа да се појавуваат првите пукнатини во коалициите. Имено, лидерката на партијата Центар, Ани Лоф (или Лееф, во оригинал Lööf), која досега беше во владејачката коалиција, вчера поднесе оставка.
Стојам овде со исправен грб. Овде стојам со истите вредности што ги имав пред две години, пред единаесет години и вчера – кажа Ани Лоф кога ја отвори прес-конференцијата.
На прашањето на новинарите за правецот во кој ќе продолжи партијата, таа го изнесе својот став, но остави органите на партијата да одлучат за тоа, изразувајќи благодарност што ја напушта политиката здрава и што може да му се посвети на своето семејство. Патем, според изјавата на притворениот, кој пред два месеца со напад со нож лиши од живот едно лице, целта му била токму Ани Лоф. Овој напад се класифицира како терористички и засега е познато само дека притвореното лице имало сериозни психички проблеми.
Од таборот на Магдалена Андерсон се појавија и првите факти што не ѝ одат во прилог, и покрај тоа што социјалдемократите освоија повеќе гласови од минатите избори.
Имено, 42,2 отсто од членовите на Федерацијата на синдикати, традиционален партнер на социјалдемократите, гласале за социјалдемократите и 32 отсто од оние што се определуваат како работници гласале за социјалдемократите. Овие два момента покажуваат дека социјалдемократите пројдоа сериозна слабост во средините за кои се сметаше дека се нивни бастиони.
Некои аналитичари сметаат дека Шведските демократи (партија на крајната десница) во предизборието направиле неколку чекори што отвориле простор за нив да гласаат и гласачи што традиционално се наклонети кон левиот политички табор. Шведските демократи веќе подолго време зборуваат за задржување на пандемиското ниво на т.н. А-каса или фонд за невработеност и промени во делот на стоматолошките услуги, две теми за кои постои огромна заинтересираност кај гласачите што на претходните избори гласаа за левиот политички табор. Уште повеќе, Шведските демократи пред само неколку дена се заканија дека ќе одат во опозиција доколку не наидат на разбирање за овие прашања, кои некако беа доживеани како сериозен отклон кон лево од веќе стандардните теми поврзани со криминалот и имигрантската политика и доселениците, кои редовно претставуваа театар во кој тие ги играа главните улоги. „Сега започнува работата, за да ја направиме Шведска повторно добра“, напиша партискиот лидер на СД, Џими Акесон во објава на Фејсбук.
Од партијата на умерените или партијата на десниот центар, Модератите, никој не очекува нешто спектакуларно. Познат е концептот на управување со јавните добра што го протежираат умерените. Тој концепт покажа сериозни недостатоци во делот на образованието, особено кога на тоа се гледа како на профитабилна дејност, и грижата за постарите лица, која ги покажа сите свои системски слабости токму за време на пандемијата. Концептот според кој најпрво ќе се приватизира едно јавно добро, а потоа преку разни форми (најчесто закуп) ќе се понуди како поефикасна услуга, се покажа како систем со многу недостатоци, од кои најчесто се незадоволни корисниците на услугите, т.е. граѓаните. Од умерените ќе се очекува многу, особено ако ја прифатат улогата на лидери и со тоа правото да го дадат идниот премиер, кој ќе треба да се соочи со енергетската криза, инфлацијата и галопирачкиот раст на цени на кои не може многу да се влијае освен со интервенционистички мерки што не се својствени за политички табор што пазарот го смета за главен регулатор на односите во општеството.
Борбата против организираниот криминал беше една од темите на кои умерените им посветија доволно сериозно внимание. Конечно тоа се препозна и во моментот кога лидерот на умерените беше прашан да ги коментира конечните резултати. „Благодариме на довербата, сега ќе ја доведеме Шведска во ред’, напиша Улф Кристерсон на својот инстаграм-профил во текот на вечерта.
Иако е многу рано за посериозни анализи, едно од најголемите изненадувања се помладите или оние што со правото за гласање се стекнале во последните четири години. Кај нив и кај еден или два изборни циклуси постари колеги се забележуваше резигнираност од политичката понуда. Најпрво тие изразија незадоволство од понудата за заштита на човековата околина, оценувајќи ја како недоволна, бидејќи нив како генерација ќе ги стави во многу неповолна состојба. Изразија незадоволство и од нивото на политичката дебата, бидејќи освен реторичко надмудрување, не виделе ништо конкретно во смисла на ефикасно, спроведливо и одржливо како предложено решение.
Сепак е важно да се подвлече дека на овие избори гласале 84,2 проценти од вкупниот број избирачи. Процентот покажува висок степен на политичка свест дека преку избори можат и се менуваат работите. Односот на победниците и победените во мандати е 176 наспроти 173. Високиот одзив е потврда за високиот легитимитет што го обезбедуваат политиките и на едните и на другите. Оној момент кога ќе се отвори расправата за буџетот ќе се отворат и позициите на политичките субјекти. Гласањето за буџетот е првиот тест што ќе покаже колку лесните ветувања се навистина и евтини и колку е реално да се очекуваат брзи и ефикасни резултати. Гласањето за буџетот е „првата кривина“ на која се препознаваат сериозноста и одлучноста на политичките субјекти да си ги одржат ветувањата. Оној момент кога ќе се препознаете, односно оној момент кога ќе препознаете дека некој политички субјект се обидува да ги реализира вашите интереси како гласач, борејќи се за соодветна, реална ставка во буџетот, тогаш ќе знаете дека за почеток ве препознале и не ве излажале. Подоцна, со текот на времето, ќе видите и дали со реализацијата на буџетот тие, политичките субјекти, се сериозни и доследни или сѐ било само евтин политички маркетинг.
За „Нова Македонија“ од Гетеборг, Шведска Ацо Каланоски