НОВ РАСКОЛ ВО ЕУ?

Продолжуваат несогласувањата во рамките на Европската Унија во врска со некои клучни прашања што се отвораат во време на криза. Најновите сигнали дојдоа од Варшава, непосредно пред одржувањето на вчерашниот важен состанок во Брисел посветен на енергетската безбедност.
На прес-конференцијата, полската министерка за клима и животна средина, Ана Москва, изјави дека Полска не се согласува да споделува гас со други земји-членки на ЕУ.
Во Брисел ќе се одржи состанок посветен на енергетската безбедност и, што е најважно, на ситуацијата со гасот. Како што знаете, нашите магацини се веќе полни. Имаме сигурни резерви. Сите наши потреби се задоволени, за разлика од состојбата во 11 земји од Европската Унија, кои денес веќе воведоа ограничувања – рече полската министерка пред заминувањето на полската делегација на состанокот.
Според нејзиното мислење, Полска не треба да воведува никакви ограничувања.
Она што го предложи Европската комисија е нов механизам на гасна солидарност. Она, пак, што е неприфатливо во нејзините предлози е обидот да се наметнат задолжителни механизми за намалување (на потрошувачката на гас) – истакна Москва.
Таа смета дека државите од ЕУ не би требало да се согласат на ваков чекор, бидејќи никој не знае каква ќе биде зимата што доаѓа. Според неа, во актуелнава ситуација може да се разговара само за доброволни механизми или за штедење во одредени држави.
Наедно, таа изјави дека предлозите на Европската комисија наидоа на неодобрување не само во Полска туку и во други земји-членки на ЕУ. Меѓу противниците на оваа иницијатива, таа ги наведе Грција, Кипар, Малта, Португалија и Шпанија. Покрај тоа, Москва додаде и дека идеите на ЕК се реализираат „на колена“.
Европската комисија на 20 јули предложи нова одредба за координирани мерки во насока на намалување на побарувачката за гас. Одредбата вклучува воведување првично доброволни цели во сите членки на Унијата за намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто во периодот од 1 август 2022 до 31 март 2023 година. Ова одговара на количество од 45 милијарди кубни метри гас. Пред да стапат во сила, предлозите на Европската комисија мора да добијат зелено светло од квалификувано мнозинство на земјите-членки на Советот на ЕУ. Министрите за енергетика за овој предлог расправата ја започнаа вчера во Брисел.
Дека ситуацијата е крајно сериозна потврдува и информацијата што ја споделија американските медиуми.
Имено, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден стравува дека недостигот од гас предизвикан од намалените испораки од Русија може да го поткопа единството на Европската Унија против Москва – објави Си-ен-ен, цитирајќи американски официјални претставници.
Според еден од изворите, американскиот претседателски координатор за глобална енергија, Амос Хохштајн, заминал во Париз и Брисел за да разговара за американско-европско планирање за вонредни ситуации во случај на недостиг од гас во зима.