Цар Самуил, Македонија, Русија и голема Бугарија

Во 21 век, Самуил и неговото царство одново се предмет на историски присвојувања во напорите за изнаоѓање „теоретско оправдување“ за промена на „националната свест“ на Македонците. Само што овој пат, Македонците самите треба да се откажат од Самуил, од традициите и културно-историското наследство, поради политичката присила и условеност на прифаќањето на конструктите на бугарските историографи како „вистини“ и како залог за ЕУ. Како и во втората половина на 19 век, Самуил како историски синоним за Македонија останува политичко орудие за реализирање на агендите за ставање крај на македонското прашање, а со тоа и на Македонците, пишува проф. д-р Митко Б. Панов во анализата за нашиот весник

По повод одбележувањето на 1.008-годишнината од битката кај Беласица

Самуил и неговата држава не ја губат политичката актуелност и по повеќе од милениум. Независно дали станува збор за Византија или за средновековен Балкан, за реоткривањето во 19 век, за експлоатирањето во балканските и светските војни, за идеолошките конфликти во македонско-бугарско/југословенско-советските односи, за посткомунистичката епоха или за последните политички диктати за ревизија на македонската историја. Актуелноста на Самуил произлегува од неговата историска асоцијација со Македонија, во чии југозападни краишта било лоцирано јадрото на неговата држава, каде што продолжиле да се одржуваат традициите и во периодот на османлиското владеење. Затоа, по повод 1.008-годишнината од Беласичката битка, добро е научно да се проследи зашто и како Самуил бил реоткриен во балкански контекст во втората половина на 19 век и експлоатиран за потребите на рускиот проект за голема Бугарија.
Реоткривањето на средновековната епоха било иницирано од Русија во 19 век, што било предодредено од нејзините тенденции да се поврзе со изворното словенство и на тој начин историски да го поткрепи лидерството во пансловенскиот проект. Во иницијалните напори за изнаоѓање директни историски врски со Словените на Балканот во периодот на раното средновековие во првите децении од 19 век, за Русија многу полесно било тоа да го направи преку конструирањето заедничка етногенеза со Бугарите, одошто со другите Јужни Словени. Оттаму, не случајно научното откривање на средновековната историја за Бугарите, а преку тоа и на Русите, произлегло директно од Русија.
Рускиот славист Јуриј Венелин (1802-1839) бил првиот што ја промовирал бугарската историја во научните кругови во Русија и во Европа, со неговата книга „Древните и денешни Бугари во политичките, етнографските, историските и религиските односи со Русите“ (1829). Притоа, Венелин целосно ги изедначил Бугарите со Русите, констатирајќи дека „месното име Бугари е специфичен вид на име за Русите; т.е. Бугарите се ист руски народ… И така Бугарите во однос на словенскиот род, воопшто не претставувале посебно племе, туку биле руски“. Венелин ги поставил Бугарите на централното место при докажувањето на поврзаноста со Русите и заедничката етногенеза, пласирајќи ја тезата за нивната миграција од Волга и истоветноста со Хуните. Притоа, во вториот том од книгата „Критички истражувања за историјата на Бугарите“, објавена постхумно во 1849 година, Венелин настојувал да ја презентира клучната улога на Бугарите, а со тоа на Русите, во ширењето на словенската писменост и христијанството. Евидентната поврзаност на Кирил и Методиј и словенската писменост со Македонија, Венелин ја интерпретирал со конструирањето вештачка географско-етнонимска еквиваленција помеѓу Македонија и Бугарија, односно на Македонците со Бугарите. Тој констатирал дека „Македонија е име на земјата (регионот) и нејзините жители се Бугари, кои можат да бидат нарекувани Македонци, бидејќи тие живеат во Македонија. Оттука, Македонец подразбира истото – Бугарин“. Ваквиот замислен и проектиран географско-етнички опфат на Бугарите му овозможил да обезбеди и директна релација на Русите (како истоветни со Бугарите) со Македонија и со светите Кирил и Методиј, што подоцна нашло рефлексија во рускиот проект за голема Бугарија. Во ваквиот концепт немало место за средновековниот цар Самуил, кој останал заборавен, бидејќи не обезбедувал аргументи за демонстрирање на руската врска, која завршувала со присуството на рускиот кнез Свјатослав на Балканот.

Поаѓајќи од легендарниот модел на владетел во лицето на рускиот кнез Свјатослав, рускиот писател и историчар Александар Велтман (1800-1870), во новелата „Рајна, бугарската кралица“ (1843), измислил судир на Свјатослав со Самуил. Притоа, тој го портретирал Самуил како омразен убиец и „грозен црнокос Ерменец“ што ја присилувал Рајна, ќерката на убиениот бугарски цар Петар, да се венча со него. Во пресудните моменти, Свјатослав ја спасил Рајна и ја ослободил Бугарија, но на крајот обајцата биле убиени по наредба на Самуил. Негативната претстава за Самуил како туѓ и грозен Ерменец и непријател на Бугарија, наспроти храбриот и убав Свјатослав и пријател на Бугарите, несомнено содржела современа порака за претстојното ослободување со појавата на новиот руски лидер.
Рускиот историчар и славист Осип Бодјански (1808-1877) одиграл големо влијание врз одредувањето на истражувачките насоки на неговите бугарски студенти, Захари Књажески, Љубен Каравелов, Марин Дринов и Спиридон Палаузов, кои имале клучна улога за националното будење. Бодјански исто така воопшто не го засегнал владеењето на Самуил, поради отсуството на релација со Русија, фокусирајќи се на словенството.
Рускиот историчар oд бугарско потекло, Спиридон Палаузов (1818-1872), кој ги поставил основите на критичката насока во бугарската историографија, не гледал во Самуил бугарска врска, кого го исклучил од бугарските царски и црковни традиции. Во неговата книга „Векот на бугарскиот цар Симеон“ (1852), Палаузов ја определил 971 година како крај на Бугарското Царство, третирајќи го Самуиловото владеење како празнина во бугарските историски традиции помеѓу Борис Втори како последен цар на „старото бугарско царство“ и Петар и Асен како основачи на „новото бугарско царство“.
Клучните насоки за балканскиот историски наратив, подредени на политичката агенда на Русија, ги поставил рускиот славист, дипломат и идеолог на пансловенскиот проект, Александар Гилфердинг (1831-1872). Гилфердинг бил првиот што го забележал отсуството на цар Самуил во словенските ракописи во поствизантискиот период. Во неговото дело „Писма за историјата на Србите и Бугарите“ (50-тите години на 19 век), Гилфердинг констатирал дека цар Самуил бил „оставен на целосен заборав кај бугарското население“, за разлика од споменот што тие го негувале кон своите цареви Борис Први, Симеон и Петар. При реоткривањето на „мрачниот лик“ на Самуил, Гилфердинг го претставил во крајно негативно светло како немилосрден братоубиец и таткоубиец, посочувајќи го единствено како пример за историската неспособност на Словените за независност и трајно политичко обединување. Тој го оценил Самуиловиот неуспех во борбата со Василиј Втори, како доказ за неспособноста на словенските племиња „крајдунавски, охридски, црногорски, македонски, тесалиски, морејски итн.“, за самостојно и трајно политичко обединување во Гилфердинговата замислена словенска федерација под еден врховен лидер. Гилфердинг во суштина ја засегнал Самуиловата држава за да испрати современа порака дека претстојното обединување на разединетите Словени е единствено можно под лидерство на братска Русија во борбата за ослободување од Османлиите.

Со Гилфердинг била иницирана потребата за реоткривање и реактуализирање на занемарениот и „мрачен“ средновековен цар, што нашло конечен израз во 70-тите години на 19 век, кога Самуил и неговата држава како историски синоними за Македонија биле ставени во функција на легитимирање на рускиот проект за голема Бугарија.
Во ваквиот амбиент, бугарските интелектуалци и припадници на националното движење, доследно ги следеле насоките на руските ментори при реоткривањето на средновековното минато. Ретките дела публикувани од бугарските интелектуалци во првата половина од 19 век, продолжиле тематски да осцилираат околу докажувањето на словенската етногенеза, писменоста и врските со Русија. Бугарскиот трговец Васил Априлов (1789-1847), кој бил еден од клучните личности во промовирањето на бугарската историја и образование, меѓу славните средновековни владетели ги вклучил Борис, Симеон, Петар и Асен, како и Калојан, исклучувајќи го притоа Самуил.
Во услови на отсуство на традиции за Самуил, населението во османлиска Бугарија во 60-тите години од 19 век, масовно ја посетувало популарната театарска адаптација на Велтмановата новела од Добри Војников, основачот на бугарскиот театар. Со тоа, паралелно со подгревањето на очекувањата за појавувањето на новиот херој од Русија како Свјатослав, кој ќе ги ослободи Бугарите од Османлиите, меѓу населението продолжила да се шири и негативната претстава за етнички туѓиот Ермено-Грк Самуил како омразен непријател на Бугарија.
Самуиловиот лик воопшто не будел патриотски чувства кај бугарските уметници, револуционерите и населението, што може да се согледа од уметничките слики и литографиите на Николај Павлович (1835–1895) на кои биле визуализирани славните времиња на Аспарух, Крум, Борис, Петар, Асен Први и Асен Втори. Единствениот мотив за Самуил бил извлекуван од адаптацијата на Велтмановата новела, поради што тој бил претставен како бил одбиен од принцезата Рајна поради нејзиниот презир кон Ерменецот.
Промената за претставата за Самуил била детерминирана од финалното оформување на рускиот проект за голема Бугарија. За тоа се погрижил првиот професионален бугарски историчар, Марин Дринов (1838-1906), кој живеел и работел во Русија, добивајќи ја задачата да ја креира бугарската историја. Неговата ориентација најдобро може да се согледа во најраните дела, каде што Дринов констатирал дека бугарскиот народ се наоѓал во фаза на самоуништување од кое единствено можел да се избави со помош на „мудрата влада на сегашниот наш свет цар“. Артикулирањето на руската политичка агенда на Балканот во конципирањето на историјата на Бугарите, која, според Дринов, останала во „темнината на заборавот“, неизбежно било проследено со споделувањето на насоките на своите руски ментори. Индикативно е што во своите трудови објавени во крајот на 60-тите и првите години од седмата деценија од 19 век, Дринов не го елаборирал директно Самуиловото владеење, туку се фокусирал на расветлувањето на словенската компонента на бугарската етногенеза и на црковните прашања. Тоа што било важно за Дринов, како руски ученик, во овој период било да изнајде врска на Русија со Самуиловата држава, а која ја изнашол во барањето на рускиот кнез Владимир упатено до Охридската архиепископија да испрати архијереи и книги во Русија. Toa наполно кореспондирало со руската политика во поддршката за формирање независна Бугарската егзархија.

Во 70-тите години на 19 век, Самуиловата држава станала објект на историографско присвојување и од страна на Србија. За српските историографи, некои од нив вработени во Министерството за надворешни работи, Самуил потекнувал од кнежеството на македонските Словени, кои биле Срби. На тој начин, тие претендирале да ја докажат српската етничка припадност на населението во рамките на Самуиловата држава и да ја проектираат во современа Македонија. Меѓутоа, Србија, како и Бугарија, не го сметала дотогаш заборавениот Самуил за свој национален херој.
Грција, пак, преку реоткривањето на заборавените византиски императори во втората половина на 19 век, го проектирала Василиј Втори во современото грчко-словенско соперништво. Заедничко за Бугарија, Србија и за Грција било конструирањето на својата интерпретација на средновековната историја поврзана со Македонија, со единствена цел легитимирање на аспирациите кон османлиска Македонија. Растечкиот интерес за средновековието влијаел и врз хрватските историчари, кои го засегнале Самуил, но само посредно. Католичкиот бискуп и член на хрватскиот парламент, Фрањо Рачки, како близок човек на Штросмаер, го доведел Самуил во контекст на југословенскиот концепт на словенската солидарност и борбата за обединување, истакнувајќи ја папската инволвираност во Самуиловото крунисување, проектирано во современото католичко влијание.
Затоа, со почетокот на источната криза и изгледното руско инволвирање на Балканот со веќе оформениот план за голема Бугарија, Дринов за првпат се зафатил со расветлување на Самуиловата држава, претставувајќи ја како една од „најтемните и најнеразјаснети настани во бугарската историја“. Во студиите „Почетокот на Самуиловата држава“ и „Јужните Словени и Византија во 10 век“ (објавени во 1875 и 1876 г.), Дринов ја пласирал тезата дека Самуиловата држава произлегла од „големото востание“ на кнезот Шишман, заедно со четворицата синови во 963 година. Воено-политичката агенда на Шишмановата династија за освојување на Источното Бугарско Царство по смртта на провизантискиот цар Петар вo 969 година, Дринов ја претставил како тенденција за обединување на „бугарската земја, политички расцепкана на два дела“. Концептуализирајќи ја својата теорија, Дринов претендирал да го реши историографскиот проблем поврзан со дисконтинуитетот на Бугарското Царство по 971 година. Врз основа на ваквата интерпретација, не постоело востание против Византија во 969 или во 976 година, исто како што отсуствувала каква било тенденција за обновување или продолжување на ликвидираното Бугарско Царство. За тоа немало потреба, бидејќи „Западното Бугарско Царство“ веќе постоело од 963 година. Преземајќи ја власта во 980 година, Самуил го наследил и залогот на Шишмановата династија за обединување на бугарските територии.

Дриновата теорија за Самуиловата држава како „Западно Бугарско Царство“ обезбедувала директно историско оправдување на територијалните претензии кон Македонија. Оттаму, произлегла и важноста на инкорпорирањето на Самуил во бугарскиот наратив и конструирањето на неговата замислена мисија за обединување на „бугарските земји“ во кои била вклучена Македонија. Тоа во целост кореспондирало со руската политичка агенда за голема Бугарија, што Дринов требало историски да го легитимира преку своите историографски трудови. Притоа, тој го воздигнал и подзаборавениот монах Пајсиј Хилендарски од крајот на 18 век како основоположник на бугарската преродба, за да му придаде некаков континуитет на бугарскиот наратив. Оттаму, не случајно во 70-тите години, покрај Пајсиј, биле популаризирани Спиридон Габровски и анонимниот автор на Зографската историја од крајот на 18 век, чии дела за заборавената бугарска историја, дотогаш немале посериозно влијание за бугарската национална преродба
По руската победа над Османлиите од што произлегло и формирањето на бугарското кнежевство во 1878 година, Дринов и чешкиот историчар Константин Јиречек биле именувани за министри за народна просвета и духовни работи, со задача да ја конструираат и институционализираат бугарската национална историја. Фактот што Санстефанскиот договор бил ревидиран на Берлинскиот конгрес, со што Македонија останала во рамките на Османлиската Империја, ја наметнало потребата од одржување на претставата за неослободената имагинарна национална територија. Во овој концепт наполно се вклопувало Самуиловото Царство како историска асоцијација со Македонија. По предлог на Дринов, за главен град била избрана Софија, што требало да го симболизира средиштето на големобугарската територија.

По заложба на Дринов, Самуил станал составен дел од програмата по историја во основните и во гимназиските училишта. Од учебната 1879 година, Самуил започнал да се изучува заедно со никогаш заборавените бугарски национални херои Аспарух, Крум, Борис, Симеон, Петар, Калојан и Асен Втори. Меѓутоа, очигледно било потребно подолго време Самуил да влезе во популарната имагинација и во свеста на новите генерации во Бугарија, особено што самите бугарски интелектуалци и националисти требало да го прифатат новооткриениот Самуил како свој национален херој.
Дека тоа одело тешко, покажува бугарскиот политичар и поет Иван Вазов, кој е илустративен пример за променливоста на претставата за Самуил во Бугарија. Во поемата „Самуил или сонувањата на Перник“ од 1880 година, Вазов се повикал на историската меморија за храбриот крал, кого го претставил како крвник, казнет од Бога:

„Кажете ми да чујам јас, дали некогаш тука бил
на таа могила против вас, великиот, мрачен
Самуил?
Дали ви се гледа тој јуначки и горд како
пустински лав?
И погледот му беше ли мрачен и полн со бура,
со бес, со гнев?
…Но, ах! Херојот и крвникот судбината го удри
со грозен шум!
О, Валавицо! Дол ужасен! Проклет да биде и
тој ден“.

Самуиловото Царство кај Вазов, евидентно предизвикувало непосредна асоцијација со историјата на Македонија, што било рефлектирано во поемата „Не ја даваме“.

Не ја даваме, не – земјата мила,
Земјата на светите наши отци.
Не го даваме правот на Самуил,
Ниту славата на двата светци!
Таа наша е! Таа со нас го носела
Долго јаремот и венците од трња,
Да, наш е Солун, Шар, Пирин и Рила,
И песните на нивните пејачи…“

Непосредната поврзаност на Самуиловото Царство со Македонија нашла директна рефлексија и во Вазовата поема од 1885 година, „Ноќта пред Валавица“ (се мисли на Беласица) каде што Самуил го идентификувал како „македонски император“.

Празнува македонскиот император.
Шум, викот. Се пенат рујните вина.
Надвор е бура… џагорат знамиња.
Ноќта рика, ужасен ветер бучи.
Војската спие под темна пелена…
Oвде-онде оган на бојниот театар…
В миг Самуил под својот шатор свилен
ја спушти чашата полна, скокна…
Сѐ слуша тој неподвижен, блед, страшен,
Со коса накострешена, речиси исплашен…
(О, Боже мили! – војводите шепотат.)
И мисли македонскиот император
дека го слуша во писокот на горскиот ветер
плачот на дваесет слепи полкови.

Преку својот поетски израз, Вазов не го претставил Самуил како херој што се бори во битка со неговата армија. Наместо тоа, тој го претставил како владетел што уживал во пиењето вино во неговиот шатор, кој бил ужаснат од вестите за трагичниот пораз и за неговата осакатена војска што се приближувала. Тоа што било важно за Вазов не била глорификација на Самуил, туку што овој средновековен владетел ја симболизирал историската борба за Македонија. Вазовата идентификација на Самуил како македонски император, сосема јасно го одразува неговиот мотив за директно асоцирање на овој средновековен владетел со Македонија.
Аспирациите кон Македонија, несомнено бил факторот што го предодредил присвојувањето на Самуил и неговата држава од Бугарија, како и од Србија, што било експлоатирано и за пропагандите за наметнување на сопствените верзии на национална свест на Македонците. Тоа најдобро се согледува од Дриновиот одговор на српските претензии за Самуил и средновековна Македонија во статијата од 1887 година. Доведувајќи го Самуиловото Царство во современиот политички контекст, Дринов тврдел дека „денешна Македонија“ се отцепила од Бугарското Царство и образувала одделно царство, чиј центар се наоѓал „во самото срце на денешна Македонија“, а кое било „наречено бугарско“. Дринов го експлоатирал и епитетот „Бугароубиец“ придодаден на Василиј Втори на крајот на 12 век, за да го докаже „бугарскиот“ карактер на Самуиловото Царство. Уште повеќе, тој констатирал дека за време на византиската власт „бугарштината, бугарското име можеа подобро да се сочуваат во Македонија“, каде што избувнале и првите „бугарски востанија“ за обнова на бугарската политичка независност. Во тие несреќни времиња за „бугарштината“, според Дринов, „само Македонците беа тие, кои исто така се бореа за бугарската црковна автономија“. На тој начин, Дринов претендирал да докаже дека во Македонија била зачувана изворната „бугарштина“ со самото формирање на Самуиловата држава, каде што биле продолжени бугарските традиции и по ликвидирањето во 1018 година. Заклучокот на Дринов, дека кога Стефан Немања ги започнал завојувањата во 12 век, не наишол на никакви Срби на македонска територија, туку само на чисти Бугари, го открива главниот политички мотив зад Самуиловата популаризација во бугарската историографија – неговата директна асоцијација со Македонија.
Интересно е што Дриновата теза наскоро станала неодржлива, поради откритието дека Шишман не му бил татко на Самуил, што се покажало како фалсификат. Затоа, дефинитивното оформување на бугарскиот национален наратив за средновековието му припаднал на бугарскиот историчар Васил Златарски (1868-1935), кој во 1927 година ја презентирал својата сеопфатна нарација за Самуиловата држава. Неговата модифицирана теорија се состоела во новата терминолошка конструкција „Западна половина на Царството“, наспроти Дриновата „Западно Бугарско Царство“. Настојувајќи со тоа да го докаже континуитетот, Златарски тврдел дека Самуиловото Царство всушност било „истото Прво Бугарско Царство“, чиј државен центар се пренел во западната „слободна половина“.

Независно од променливоста на интерпретациите во првата половина на 20 век, бугарската историографија ги задржала основните постулати за средновековието конструирани во 19 век, со што ги одржувала имагинарните национални граници на санстефанска Бугарија, оправдувајќи ги воените освојувања во Македонија за време на Балканските војни, Првата и Втората светска војна.
Најилустративен пример е бугарскиот историчар Петар Мутафчиев, кој во екот на бугарската окупација во Втората светска војна, во 1941 година, констатирал:
„Завојувачките апетити што во најново време Македонија ги побуди кај раководните слоеви на некои балкански земји, изискуваа теорeтско оправдување. По обидите да се претстави населението на таа земја како безлична маса … се појавија обидите да се фалсификува нејзината историја. И бидејќи епохата на Самуил е најкрупната пројава во македонското минато, сосема природно се роди желбата да се одрече нејзиниот национално-бугарски карактер. Но, стремежите на заинтересираните се совпаѓаа до оваа точка. Оттаму секој од нив бараше да го претстави Охридското Царство во светлина којашто му беше најкорисна…“
Во 21 век, Самуил и неговото царство одново се предмет на историски присвојувања во напорите за изнаоѓање „теоретско оправдување“ за промена на „националната свест“ на Македонците. Само што овој пат, Македонците самите треба да се откажат од Самуил, од традициите и културно-историското наследство, поради политичката присила и условеност на прифаќањето на конструктите на бугарските историографи како „вистини“ и како залог за ЕУ. Како и во втората половина на 19 век, Самуил како историски синоним за Македонија останува политичко орудие за реализирање на агендите за ставање крај на македонското прашање, а со тоа и на Македонците.

Авторот е редовен професор во Институтот за национална историја