Ден по парламентарните избори во Израел, сè укажува дека лидерот на опозицијата и поранешен премиер Бенјамин Нетанјаху ќе извојува голема победа, благодарение на своите сојузници во ултрадесничарските и верските партии. Со тоа може да се стави крај на политичката криза поради која Израелците гласаа петпати за три и пол години, јавуваат израелските медиуми.
По пребројувањето на 85 отсто од гласовите, се предвидува дека блокот партии лојални на Нетанјаху ќе има 65 пратеници, од вкупно 120 во израелскиот парламент (Кнесет), четири повеќе од потребното, односно стабилно мнозинство, иако резултатот може да се промени по пребројувањето на гласовите на припадниците на безбедносните сили, затворениците и дипломатите во странство.
Во коалицијата која би можела да биде следната владејачка партија во Израел, има две партии на ултраортодоксни Евреи, Шас и Обединета Тора јудаизам и ултрадесничарскиот Религиозен ционизам, чиј лидер е Бекалел Смотрич, а во која спаѓа и Еврејска сила на моментално попознатиот екстремист Итамар Бен-Гвир, пишува Тајмс Израел.
Бен-Гвир е најголемата ѕвезда на изборите затоа што придонесе неговата првично мала партија сега да претставува 10 отсто од израелските гласачи.
Како што пренесуваат странските агенции, доколку резултатот од изборите не се промени значително, враќањето на Нетанјаху, кому му се суди за корупција во три случаи, ќе биде зачудувачко.
Сепак, критичарите предупредуваат дека Бен-Гвир и неговиот политички партнер Смотрич ќе дојдат на власт и тие би можеле да ги лишат арапските граѓани од нивните права, да ги намалат овластувањата на Врховниот суд и да ги зголемат социјалните поделби.
Клучен фактор во моментов е судбината на левичарската партија Мерец и националистичката арапска партија Балад, кои не се знае дали ќе го поминат изборниот праг. Ако продолжат, би можеле да влијаат на мнозинството од блокот на Нетанјаху.
Израелските медиуми на хебрејски јазик веќе пренесуваат дека партијата Јеш Атид (Има иднина) на премиерот на привремената влада Јаир Лапид се подготвува за транзиција на власта. Се очекува Лапид да му се јави на Нетанјаху штом ќе бидат објавени конечните резултати за неколку дена.
Конзервативната Ликуд на Нетанјаху ќе има, како што се предвидуваше, 31 пратеник, а партијата на Лапид – 24.
Верскиот ционизам ќе биде трет со 14 пратенички мандати, двојно повеќе од претходно. Следува централно-десничарската партија на министерот за одбрана Бени Ганц, член на сегашната коалиција со 12 мандати.