На ден пред претстојниот самит на БРИКС во Јоханесбург
Неодамнешните промени во глобалните настани укажуваат на тоа дека БРИКС може да ги стави во функција нафтата и гасот во корист на домашните валути. БРИКС го иницира процесот на дедоларизација со решавање на платниот промет во процесот на трговија со нафта и гас со локалните валути, а не со американскиот долар. БРИКС се обидува да го маргинализира американскиот долар со најчесто користената стока во светот – со нафта и гас. Во таквиот контекст, за издвојување е информацијата за актуелната т.н. „трка кон превласт на валутата“, која се вжештува неколку дена пред претстојниот самит на БРИКС во Јоханесбург.
Имено, според економските аналитичари, оние што го контролираат снабдувањето со нафта, контролираат голем дел од глобалната трговија. БРИКС се обидува да стави крај на зависноста од американскиот долар со тоа што ќе ги убеди другите земји да плаќаат во локални валути. Покрај тоа, БРИКС разговара и со земјите производители на нафта да се приклучат на споменатиот блок и „да ја предизвикаат хегемонијата на САД“.
За потсетување, Индија направи еден колосален, можеби историски потег кога реши трговијата со сурова нафта со ОАЕ да ја плаќа во рупии, а не во американски долари. Ројтерс објави дека индискиот „Оил корп“ го изврши плаќањето со Националната нафтена компанија Абу Даби (АДНОЦ) користејќи ја својата валута – рупија. Индија, исто така, ги олесни прекуграничните трансакции дозволувајќи им на другите земји да отвораат специјални банкарски сметки на Востро за тргување во рупии.
Освен Индија, дури и Франција ја договори трговијата со ЛНГ гас со Кина со плаќање во кинески јуани. Русија вршеше трансакции во кинески јуани за увоз на својата нафта во Кина и Саудиска Арабија. Покрај тоа, најголемата земја производител на нафта, Саудиска Арабија, размислува да го прифати кинескиот јуан за порамнување на побарувањата во трансакциите со нафтата.
А во Саудиска Арабија, пак, пишува „Блумберг“, резервите на американски обврзници паднаа на најниско ниво во повеќе од шест години. Во јуни Саудиска Арабија продаде повеќе од три милијарди долари од државниот долг на САД, додека нејзиниот сосед, Обединетите Арапски Емирати, продаде речиси четири милијарди долари. Државите од регионот на Персискиот Залив бараат нови начини за инвестирање за да постигнуваат повисоки приходи и да се дистанцираат од светот што има „хегемонија на американскиот долар“.
Иако „Блумберг“ ги смета овие саудиски инвестиции во „ризични средства“ (сè освен нафта), како што се на пример производителот на електрични возила „Лусид“, „Убер“ или фудбалскиот клуб „Њукасл“ како можни потенцијални загуби за кралството Саудиска Арабија, на глобално ниво, прераспределбата на саудиското богатство може да доведе до повисоки каматни стапки во САД. Кина исто така продаде американски обврзници во вредност од 11,3 милијарди долари, „за да го намали поседувањето долари во својот државен трезор“ на најниско ниво од средината на 2009 година. Патем споменато, Јапонија и Велика Британија беа меѓу најголемите купувачи на долари. Вредно е да се спомене за Судиска Арабија дека таа иако со децении одржува процес на „врзување на доларот“ и инвестира во американски средства, сега се обидува да ги зајакне своите односи со клучните трговски партнери, вклучувајќи да ги зајакне и односите со Кина, како дел од напорите да ја диверзифицира економијата далеку од енергијата.
Како заклучок, аспирациите на БРИКС, според аналитичарите, е дека „нафтата и гасот би можеле да бидат главниот клуч за зајакнување на локалните валути и оградување на американскиот долар“. Проширувањето на БРИКС би можело да ја промени играта што би водело кон понатамошно продлабочување на процесот на дедоларизација во наредните години.