Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска ќе се сретнат во Женева. Главна тема на средбата ќе бидат натамошните чекори по прашањето за преговорите за безбедносните гаранции. Тие разговараа и телефонски пред три дена, кога Лавров, во контекст на ситуацијата во југоисточна Украина, го повика државниот секретар да не шири шпекулации за наводната претстојна руска агресија, туку да ги принуди властите во Киев целосно да ги спроведат договорите од Минск.
Блинкен завчера беше во Украина, каде што разговараше за актуелната ситуација со претседателот Владимир Зеленски и министерот за надворешни работи Дмитриј Кулеб, а вчера пристигна во Берлин на разговор со сојузниците, со цел да се смират руско-украинските тензии, само еден ден по предупредувањето дека Русија наскоро би можела да ја нападне Украина, пишува „Ројтерс“. Имено, американскиот претседател Џо Бајден завчера изјави дека мисли оти претседателот Владимир Путин ќе ја нападне Украина, откако стави десетици илјади војници по должината на границата. Тој истакна дека инвазијата од широки размери ќе резултира со американски одговор, што Русија и нејзината економија скапо би го платила.
Руски надворешнополитички аналитичари оценуваат дека денешните разговори меѓу Блинкен и Лавров се „веројатно последната шанса“ за постигнување договор. Во меѓувреме, портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги критикуваше американските новинари, кои за време на прес-конференцијата на американскиот претседател Џозеф Бајден отворено зборуваа за рускиот напад врз Украина, но се воздржаа да прашаат за проширување на НАТО.
„Изненадувачки е како американските новинари зборуваа за рускиот напад врз Украина за време на прес-конференцијата на Бајден, изгледајќи како никогаш да не слушнале за проширувањето на НАТО на исток и за обврските на западните земји во однос на неделивоста на безбедноста. Како да не знаат ништо за провокациите на Киев и поддршката што ја добија од Вашингтон“, рече Захарова. Ваквото однесување на новинарите таа го оцени како „криминален пропуст“. Претходно и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги опиша како „празни и неосновани“ тврдењата на Западот и на Киев за потенцијална руска инвазија на Украина, опишувајќи ги како трик на Западот да предизвика ескалација на тензиите.