Најмалку четири лица загинаа, а деветмина се ранети во руски ракетен напад врз градот Лавов во западна Украина, објави украинското Министерство за надворешни работи на Твитер.
Градоначалникот Андриј Садови во објава на неговиот канал Телеграм посочи дека спасувачите трагаат по преживеани меѓу остатоците од станбена зграда. Тој рече дека улицата ќе остане затворена се додека работниците од итната помош не ги „исчистат остатоците и не ги извлечат сите мртви“.
Садови информира дека се оштетени околу 60 станови и 50 автомобили.
Регионалниот гувернер Максим Козитски објави видео од 13 секунди на кое се гледа распространета четирикатна станбена зграда со делови од горните катови исчезнати или во урнатини.
Објавите на официјалните лица следат по широките воздушни напади низ Украина и извештаите за крстосувачки ракети кои влегле во украинскиот воздушен простор. Садови пријавил серија експлозии во градот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети „конкретен одговор“ на рускиот ракетен напад врз станбениот блок.
-Ова се последиците од полноќниот напад на руските терористи – кажа Зеленски во објавата на каналот Телеграм, што беше придружена со видео на кое се гледа уништената зграда.
-За жал, има загинати и повредени. Дефинитивно ќе има одговор на акциите на непријателот. И тоа конкретни.
Американските медиуми го цитираат министерот Клименко во изјавата дека бројот на загинати, за кои претходно беше соопштено дека се тројца, сега се зголеми на најмалку четири, додека девет лица се ранети.
Спасувачките тимови ги пребаруваат остатоците од зградата за да најдат повеќе луѓе кои можеби се затрупани под неа.