Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили „со високопрецизно оружје со долг дострел лансирано од воздух“ уништиле фабрика за оклопни возила во Киев и фабрика за поправка на воена опрема во Николаев.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков изјави дека Русите со ракетни напади и артилерија нападнале 811 украински воени цели.
Претходно градоначалникот на Киев Виталиј Кличко на социјалните мрежи информира дека главниот украински град рано утрово бил цел на напад.
Тој напиша дека имало експлозии во областа Дарњицкиј, и оти на самото место во моментов има спасувачки и медицински екипи.
– Уште еднаш апелирам до сите: Ве молам да не ги игнорирате сирените за воздушна опасност. А оние жители на Киев кои досега заминаа и сакаат да се вратат во главниот град, ве замолувам да се воздржите од тоа и да останете на побезбедни места – нагласи Кличко.
Дарњицкиј се наоѓа во југоисточниот дел на главниот град на Украина, на левиот брег на реката Дњепар.