Русија денеска објави тридневен прекин на огнот со цел да се евакуираат цивилите кои се уште се наоѓаат во фабриката за челик Азовстал во градот Мариупол. Според украинската армија пак се уште се водат „крвави битки“ за стратегискиот пристанишен град, а цивилите се заробени внатре.
-Руските воени сили ќе отворат хуманитарен коридор од 8 до 18 часот по московско време на 5, 6 и 7 мај на локацијата на металуршката фабрика за челик Азовстал со цел да се евакуираат цивилите – изјави денеска рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
Во своето денешно обраќање украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина ,од своја страна, е подготвена да обезбеди прекин на огнот во Мариупол.
-Ќе биде потребно време едноставно да се извлечат луѓето од тие подруми, од тие подземни засолништа. Во сегашните услови, не можеме да користиме тешка опрема за да ги расчистиме урнатините. Сето тоа треба да се направи со рака – рече Зеленски.
Во меѓувреме, Денис Прокопенко, командант на Азовскиот полк, вети дека никогаш нема да ја предаде фабриката за челик.
-Имаше тешки борби додека руските сили упаднаа на територијата на фабриката – објави Прокопенко на Телеграм.