Некои поенти од традиционалното годишно обраќање на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин
Ако земјите создаваат закана кон Русија, тогаш Русија верува дека има право да употреби нуклеарно оружје против нив, рече рускиот претседател Владимир Путин на традиционалната прес-конференција за крајот на годината, одговарајќи и за изменетата нуклеарна доктрина.
Тој минатиот месец одобри нови услови под кои Русија ќе го употреби својот нуклеарен арсенал, при што нападот од ненуклеарни држави, поддржан од нуклеарна сила, според доктрината, ќе се третира како заеднички напад врз Русија.
На прашањето дали Западот ја примил пораката од изменетата нуклеарна доктрина, Путин порача: „Не знам, прашајте ги нив“.
Рускиот претседател истакна и дека западната технологија „нема шанси“ да ја пресретне новата руска балистичка ракета „орешник“, одговарајќи на прашање за ракетата што беше употребена против Украина во ноември.
– Ајде да направиме експеримент или дуел. Изберете цел во Киев, донесете ја западната воздушна одбрана таму и видете дали ќе може да ја пресретне. Тоа ќе биде интересно за нас – порача Путин.
Тој нагласи дека Русија е подготвена за преговори и компромиси кога станува збор за Украина, бидејќи политиката е уметност на компромис, но оти другата страна одбила да преговара.
– Соодветни договори беа постигнати во Истанбул во 2022 година, украинската страна го парафира тој документ, што значи дека се согласи со него во целина, но потоа го одби поради некоја причина – потсети рускиот претседател.
Рускиот претседател посочи и дека уште не се сретнал со сменетиот лидер на Сирија, Башар ал Асад, откако тој доби азил во Русија, но оти планира да го стори тоа, најавувајќи дека е подготвен да се сретне и со новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп.
Рускиот лидер нагласи и дека економската состојба во државата е стабилна и дека годинава растот на БДП во Русија може да биде 3,9 или четири проценти. Тој потоа додаде дека Русија е пред Европа, а Кина, САД и Индија се пред Москва во однос на економскиот развој. Р.С.