Американците во текот на април имале само 39 отсто доверба во работата на американскиот претседател Џо Бајден, со што тој приближи до најниското ниво откако ја презеде функцијата во 2021 година, пренесе Ројтерс.
Резултатите од анкетата на Ројтерс/Ипсос, спороведена од 14 до 16 април, покажуваат мал пад во довербата во однос на минатиот месец, кога 42 отсто од испитаниците изјавија дека ги одобруваат политиките на Бајден како претседател.
Неговата популарност опадна речиси веднаш откако ја презеде функцијата во јануари 2021 година. Најголемиот пад на неговиот рејтинг беше во средината на минатата година, кога само 36 отсто од анкетираните изјавија дека го поддржуваат. Оттогаш, процентот на испитаници кои изразуваат поволен став за Бајден остана приближно ист.
Американскиот претседател минатиот петок најави дека сака да учествува на следните претседателски избори, кои ќе се одржат следната година, но се уште официјално не ја почнал својата кампања.
Не се очекува тој да има сериозна конкуренција околу номинацијата меѓу демократите, но неговиот рејтинг и натаму останува низок, според политичките стандарди.
Во поголемиот дел од својот претседателски мандат, што траеше од 2017 до 2021 година, Доналд Трамп, исто така, уживаше релативно слично ниво на јавна доверба во работата. Најмал процент забележа во декември 2017 година, кога само 33 отсто од испитаниците му дадоа позитивна оценка за неговата работа.
Испитаниците во последната анкета на Ројтерс/Ипсос најчесто кажуваат дека најголемиот проблем за САД е економијата, при што секој петти испитаник го дели истиот став. Еден од десет испитаници ги гледа криминалот и животната средина како водечки проблем во САД.
Можна светла точка за Бајден е фактот што 68 отсто од анкетираните изјавиле дека не се согласуваат со федералните судови, кои го забрануваат лекот за абортус „мифепристон“, што е одобрен од ФДА.
Анкетата на Ројтерс/Ипсос беше спроведена врз репрезентативен примерок од 1.029 возрасни Американци.