Повеќе од 30 лица поднеле апликации за кандидатура за функцијата руски претседател, изјави претседателката на руската Централна изборна комисија, Ела Памфилова.
Таа за новинската агенција „ТAСС“ изјави дека изборната кампања секако ќе биде конкурентна, бидејќи е очигледно дека ќе има повеќе од еден кандидат.
Руските граѓани на претседателските избори можат да учествуваат како независни кандидати или како кандидати на политички партии, а за да се пријават за учество во изборниот процес треба да достават соодветна документација до Централната изборна комисија.
Независните кандидати мора да достават документација и да обезбедат поддршка од група граѓани, нешто што го направи актуелниот претседател на Руската Федерација Владимир Путин.
Следна обврска е да се соберат 300.000 потписи за поддршка на кандидатурата и да се достават до Централната изборна комисија до 31 јануари следната година.
На кандидатите предложени од политичка партија им требаат 100.000 потписи.
Претседателските избори во Русија ќе се одржат од 15 до 17 март 2024 година, пренесе „Танјуг“.