Велика Британија се соочува со сериозни економски предизвици и има потреба од стабилност и единство, изјави денеска Риши Сунак, во својот прв јавен говор откако беше прогласен за лидер на владејачката Конзервативна партија и иден премиер.
– Нема сомнеж дека се соочуваме со голем економски предизвик – рече Сунак.
Тој истакна дека на Британија сега ѝ треба стабилност и единство и оти негов приоритет ќе биде да ги зближи Конзервативната партија и земјата.
– Се колнам дека ќе ви служам со интегритет и понизност – изјави Сунак.
Тој додаде дека континуирано ќе работи во корист на британскиот народ.
Сунак рече дека му е чест што ја има поддршката од своите колеги пратеници и што е избран за лидер.
– Најголемата привилегија во мојот живот е што можам да ѝ служам на партијата што ја сакам и да ѝ вратам на земјата на која ѝ должам толку многу – нагласи тој.
Сунак во говорот ѝ одаде признание на Лиз Трас за нејзиното достоинствено лидерство во тешки околности во странство и дома.