Деновиве во јавноста излезе интересна информација од областа на безбедноста што се однесува на Велика Британија. Имено, британската контраразузнавачка агенција МИ5 го подигна нивото на тревога поради „внатрешна закана од тероризам во Северна Ирска“. Тоа значи дека според релевантна, основана и веродостојна безбедносна процена на една од најстарите и најефикасни контраразузнавачки служби што се занимаваат со внатрешна безбедност на државата, постои „реална и сериозна опасност од терористички напади на тлото на Британија“

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ГО ПОДИГНА ВИСОКО НИВОТО ЗА ОДБРАНА ОД БЕЗБЕДНОСНИ ЗАКАНИ ВО ВРСКА СО СЕВЕРНА ИРСКА

Одлуката за враќање на нивото на втората највисока категорија на внатрешна безбедност на државата во Велика Британија следуваше по неодамнешните напади врз полициски канцеларии и се случи неколку недели пред собирот на политичките челници во Белфаст, каде што треба да прослават 25-годишнина од мировниот договор што генерално му стави крај на тридецениското насилство.

Британија ја класифицира заканата од тероризам во пет различни нивоа

Британската разузнавачка заедница го рангира нивото на закана од тероризам во пет различни нивоа, односно категории. „Ниско“ значи дека постои мала веројатност од напад. „Умерено“ значи дека е можен напад, но не е многу веројатен. „Значајно“ значи дека постои веројатност за напад. „Сериозно“ значи дека нападот е многу веројатен. „Критично“ значи дека нападот е многу веројатен во блиска иднина.
– Јавноста би требало да биде будна, но не и вознемирена. Треба да продолжи да известува за секаков вид загриженост што постои – изјави Крис Хитон-Харис, покраински министер на Велика Британија.
Според соопштението на британската влада, нивото е подигнато од „значајно“ на „сериозно“ по неодамнешниот напад врз полицајци. Сепак, од таму сметаат дека ова зголемено ниво на закана не е во никаква директна врска со годишнината од мировниот договор.

Мировниот договор од 1998 година не му стави конечен крај на тридецениското насилство во Северна Ирска

Инаку, системот за рангирање на заканите за опасност во однос на прашањето за Северна Ирска беше воведен во 2010 година и оттогаш до почетокот на 2022 беше на нивото „сериозно“, кое потоа беше снижено. Но, очигледно, тоа не траеше долго, па сега рангирањето повторно се врати на истото.
Иако мировниот договор од 1998 година во голема мера му стави крај на тридецениското насилство во Северна Ирска, полицајците сè уште повремено се цел на мали герилски групации – претежно националистички милитанти – кои се спротивставуваат на британската власт во регионот. Минатиот месец во оружен напад тешко беше повреден полицаец што во моментот не бил на должност. Според соопштението на полицијата, нападот го извршила Нова ИРА, една група што е многу помала од поранешната Ирска републиканска армија, која беше разоружена по потпишувањето на мировниот договор од Велики петок.
Главниот инспектор Џон Колдвел беше застрелан со неколку истрели од страна на двајца вооружени напаѓачи, во моментот кога ги ставаше фудбалските топки во својот автомобил, по завршениот тренинг со младинската фудбалска екипа. За време на борбите помеѓу ирските националистички милитанти – кои бараа обединување со остатокот на Ирска – и британската војска заедно со пробританските унионистички милитанти, кои сакаа да останат во Обединетото Кралство, загинаа околу 3600 луѓе.
Во април во Белфаст би требало да се соберат голем број политички лидери, со цел да се одбележи и прослави 25-годишнината од мировниот договор, кој беше склучен на 10 април 1998 година, а за чие потпишување делумно посредуваше тогашниот американски претседател Бил Клинтон.