Фото: Министерство за одбрана на Финска

На повидок е можно решение за долгорочниот комплексен воен проблем со кој се соочува НАТО – како да ги брани балтичките држави што се граничат со Русија и Белорусија во случај на напад, пишува „Блумберг“.

Очекуваниот прием на Финска и на Шведска во Северноатлантската Алијанса ќе претставува најголема промена во европската надворешна политика откако почнаа руските воени дејствија во Украина. Рускиот претседател Владимир Путин се соочува со контраефект, откако ја почна специјалната воена операција, делумно за да се спречи проширувањето на НАТО.

Членството во НАТО за Финска би можело да стави крај на ера во која нејзиниот поголем сосед Русија имаше големо влијание врз односите на скандинавската држава со Европа. За Шведска, пак, би означило крај на неутралноста што ја дефинираше оваа нација во изминатите два века.

За Алијансата, пак, Скандинавците ќе донесат повеќе од дополнителни воени капацитети. Географски ќе ја намали ранливоста на североисточното крило со додавање на 1.343 километри дополнителна граница на членка на НАТО со Русија, а би ја изолирало и енклавата Калининград што се наоѓа помеѓу Полска и Литванија на Балтичкото Море.

– Во случај на конфликт постои шанса да го затвориме Финскиот залив. Тоа се нови можности на кои не сметавме претходно – вели литванскиот министер за одбрана Арвидас Анусаускас.

Доколку Финска и Шведска влезат во НАТО, се смета дека Алијансата би можела да спречи евентуални руски планови за целење на таканаречената ахилова петица на Алијансата во Балтикот, каде што се Естонија, Литванија и Летонија, кои се членки на западниот воен сојуз од 2004 година. Се истакнува дека балтичките држави не се соочуваат со директна закана од Русија, но постои зголемување на тензиите поради војната во Украина, како и поради предвиденото проширување на Алијансата. Русија претходно го предупреди НАТО дека таа ќе преземе акција на Балтикот доколку Финска и Шведска ѝ се приклучат на воената алијанса.

– Членството на Финска и на Шведска ќе пружи дополнителен слој на безбедност и стабилност за целиот балтички регион. Финска и Шведска би можеле да пружат подобар здружен пристап кон нас, тие можат да ја засилат и способноста на НАТО за одговор во регионот, особено во вода и во воздух – истакна естонскиот амбасадор во НАТО, Јури Луик, во изјава за „Блумберг“.

Министерите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО ќе се сретнат во Берлин викендов, каде што ќе им се придружат колегите од Шведска и од Финска. На средбата се очекува да аплицираат за членство и претставници на двете земји. Постои расположение за брз прием на нордиските држави во НАТО, но тоа не е готова работа, особено земајќи ги предвид ставовите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој вчера изјави дека не е можно Турција позитивно да гледа на плановите на Шведска и Финска за влез во НАТО, а Турција може да стави вето на чекорите за приклучување на двете земји.