Проруските власти во три украински региони прогласија победа на илегалниот референдум за присоединување со Русија. Москва организираше референдум во четири окупирани региони, што Украина, Западот и ОН не ги признаваат бидејќи не се во согласност со меѓународното право и Повелбата на ОН.
Локалното гласачко тело во јужниот регион Запорожје објави дека 93,11 отсто од гласачите се одлучиле за руска анексија по пребројувањето на сите гласачки ливчиња.
Во Керсон властите објавија дека 87,05 проценти од гласачите решиле да се приклучат на Русија.
Додека во источниот регион Луганск, што е под контрола на проруските сепаратисти, 98 отсто од гласачите од преброени 91,2 проценти од гласачките ливчиња, се изјасниле за присоединување кон Русија.
Русија организираше референдум во четири украински региони – Запорожје, Керсон, Луганск и во Донецк.
Претседателот на Украина, Владимир Зеленски во синоќешното обраќањр повторно ги осуди референдумот на проруските власти во четири украински региони, нарекувајќи ги фарса.
– Оваа фарса на окупираните територии не може ни да се нарече имитација на референдум – истакна Зеленски.
Тој додаде дека Украина ќе го брани својот народ, кој сè уште живее под окупација во регионите Донецк, Луганск, Запорожје и Керсон и во делови од регионот Харков.
– Ние напредуваме и ќе ја ослободиме нашата земја – посочи Зеленски без да наведе детали од фронтот.