Одгласи по состанокот на европските влади во Брисел: ЕУ сака да ја намали тензијата во односите со Кина, но бара соодветен начин
Подготвил: Mарјан Велевски
Поради фактот што Русија е ангажирана во украинскиот конфликт, многу економски аналитичари сметаа дека „токму сега од европските лидери логично е да се очекува да го омекнат својот пристап кон Кина и тоа да биде искажано на самитот на ЕУ во Брисел“. Ваквото стојалиште го делат и аналитичарите Стјуарт Лау, Барбара Моенс и Сузан Линч, кои својот став го образложија за „Политико“
Според аналитичарите Стјуарт Лау, Барбара Моенс и Сузан Линч, кои својот став го образложија за „Политико“, „за европските лидери што се собраа на состанок во Брисел, прашањето како да се справат со долгорочното ривалство со економската моќ на Кина изгледа како еден проблем што тие повеќе би сакале да го стават во мирување. Владите на Европската Унија (ЕУ) сè уште се обидуваат да откријат колку далеку ќе одат во прекинувањето на чувствителните деловни врски со Пекинг“, се разбира со резон да избегнат повторување на она што им се случи во однос на Русија.
Барање начин како ЕУ да ги намали тензиите со Пекинг
Неоспорен факт е дека некои од најголемите европски сили сега сакаат да ја намалат тензијата со Кина. Еден источноевропски функционер забележа дека во деновите пред самитот, некои западноевропски влади се обиделе уште повеќе да ја ублажат „веќе здодевната“ подготвена изјава само за да се осигурат дека „нема да ја налутат Кина“.
За европските политичари е непријатно прашањето како да постапуваат со Пекинг, бидејќи тие се под притисок од Вашингтон. Во исто време, бизнисите во ЕУ се потпираат на Кина за извоз во вредност од 230 милијарди евра годишно.
Германија е претпазлива да не ги наруши своите огромни деловни интереси во Кина, додека Франција беше скептична во следењето на пристапот на САД, кој беше да го засили притисокот врз Пекинг и да ја ограничи изложеноста на Западот на кинеско влијание врз критичните синџири на снабдување. Но постојат знаци дека мразот во односите меѓу западните сили и Пекинг се топи во изминатиот период. Берлин и Париз беа домаќини на „десната рака на претседателот на Кина, премиерот Ли Чијанг“, за неговата прва меѓународна турнеја.
Во деновите пред самитот на Европскиот совет постепено се формираше консензус во корист на задржување на дипломатскиот мир со Пекинг.
Имено, последниот нацрт на завршната изјава на крајот на самитот, до која дојде „Политико“, имаше помалку непријателски тон кон Пекинг во споредба со другите неодамнешни изјави од Брисел.
За односите меѓу Кина и Русија, во последниот нацрт беше наведено дека лидерите на ЕУ го повикуваат Пекинг „да ја притисне Русија да ја прекине својата војна и веднаш, целосно и безусловно да ги повлече своите трупи од Украина“. Но во него се внимаваше да не звучи премногу критички настроен кон сè. Во нацртот се вели дека ЕУ и Кина имаат заеднички интерес за продолжување на конструктивните и стабилни односи. Висок дипломат рече дека заклучоците покажуваат „малку подетално дека ЕУ продолжува да покажува волја да се ангажира со таа економска сила“.
Два спротивставени става за Кина во врвот на ЕУ
Тонот на заклучоците од самитот открива уште еден раскол на највисоките нивоа на раководството на ЕУ, и тоа помеѓу претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и претседателката на Европската комисија, извршната власт на блокот, Урсула фон дер Лејен. Построгиот став на Фон дер Лејен за Кина, исто така, беше критикуван од Мишел и неговиот тим зад затворени врати. Имено, тој беше одговорен за изготвување на заклучоците од самитот. Некои претставници на ЕУ дури го гледаат помирувачкиот јазик во нацрт-изјавата на самитот како одговор на Мишел на построгата економска безбедносна стратегија на Фон дер Лејен, која повика на проверка на излезните инвестиции за да се запре земјите од ЕУ да произведуваат чувствителни технологии како напредни микрочипови и вештачка интелигенција на несигурни локации, како Кина. Еден европски претставник истакна дека сега се јавил голем проблем кога претседателката на Европската комисија ги слуша САД, а претседателот на Европскиот совет ја слуша Кина.
Некои западни земји на ЕУ сакаат да бидат независни од САД, рече Марчин Пжиходњак, специјалист за Кина во Полскиот институт за меѓународни односи. Пжиходњак додаде дека оние што се поддржани од Шарл Мишел се уморни од одвојувањето од Русија и сакаат да мислат дека помек став може да им купи време со Кина. Лидерите на ЕУ можеби и не сакаат да ја притиснат Кина во однос на Русија, смета тој.
Помекиот пристап на ЕУ отсликува поширока промена на кинеската политика, што се случува и на другата страна на Атлантикот. Откако ја засилија реториката кон Кина во врска со нејзината политика во Јужнокинеско Море и Тајван, САД, исто така, ја смирија топката во изминатите денови. Од своја страна, Кина, исто така, покажа подготвеност повторно да се ангажира во односите со западните претставници.
Ентони Блинкен беше првиот американски државен секретар што ја посети Кина во изминатите пет години. Не само што се сретна со својот колега, министерот за надворешни работи, туку Блинкен, исто така, беше примен од претседателот Си Џинпинг, чест што автоматски не им се доделува на дипломатите што го посетуваат. САД ја опишаа атмосферата на разговорите како „искрена и конструктивна“.