Илустрација / Фото: Министерство за одбрана на Русија

Повици за регрутација им се испорачуваат и на полноќ на военоспособните Руси, кои потоа добиваат еден час да се спакуваат и да се појават во центрите за регрутација. Жени плачат додека ги испраќаат сопругите и синовите да се борат во војната во Украина. Вака западните медиуми го опишаа првиот ден во Русија по одлуката за делумна мобилизација соопштена од рускиот претседател Владимир Путин. Според најавите на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, предвидена е мобилизација на 300 илјади резервисти.

Британски „Гардијан“ пишува дека во село со околу 450 жители во источен Сибир имало повеќе од 20 повици за регрутација. Активисти во Русија укажаа на случаи во кои мажи над 50-годишна возраст добиле повик за приклучување на војската, како и на регрутирање на студенти кои биле повикани за време на предавањата, и покрај уверувањата дека со мобилизацијата ќе бидат опфатени оние што служеле неодамна и имаат воено искуство.

– Ова не е делумна мобилизација, ова е стоотстотна мобилизација – вели Александра Гармажапова во изјава за британскиот весник.

Западот бргу ја отпишува руската делумна мобилизација

Британски „Фајненшл тајмс“ наведува дека полицијата, наводно, делела повици за регрутација на уапсените на протест против војната во Москва.

– Ова е војна на брат против брата. Мојот син треба да оди во војна против мојот внук. Изгледа дека ќе ги соберат сите. Сите ќе бидат собрани од улица – вели Надежда чиј полн идентитет не го открива „Фајненшл тајмс“, додавајќи дека нејзиниот син бара начин да излезе од Русија за да ја избегне мобилизацијата.

Дел од руските независни медиуми известуваат дека мобилизацијата би можела да опфати и повеќе од милион луѓе, без да има потврда за ваквите информации додека точниот број во потпишаниот претседателски указ засега е тајна. Згора, се појавија и шпекулации дека постои несразмерност при регрутацијата во републиките каде што живеат етнички малцинства. А правните експерти велат дека критериумите за мобилизација не се во потполност јасни.

– Мобилизацијата се нарекува делумна, но не се прецизирани параметри за делумноста, ниту географски, ниту во поглед на критериумите. Според текстот, сите можат да бидат мобилизирани, освен работниците во воено-индустрискиот комплекс – тврди руската политичка научничка Екатерина Шулман за „Фајненшл тајмс“.

На протестите против мобилизацијата беа уапсени над 1.300 лица ширум Русија, додека билетите за летовите од Русија брзо се распродадоа по објавата за мобилизација. Директните летови од Москва до Истанбул и до Ереван, двете безвизни дестинации за Русите, беа распродадени, според податоците на „Авиасејлс“, а некои летови со меѓуслетување, вклучувајќи ги и оние од Москва до Тбилиси, исто така беа недостапни. Билетите за лет во еден правец од Москва до Белград, пак, достигнуваат рекордни цени, судејќи според веб-страниците на кои може да се резервираат и купат билети.