Францускиот претседател Емануел Макрон презема политички ризик преземајќи ја улогата на светски лидер кој ќе се обиде да постигне мировен договор со рускиот колега Владимир Путин на денешниот состанок во Москва, пишува „Политико“.
– Ако успее во неговата намера, тој ќе биде херој кој ќе ја деескалира украинската криза и ќе ја врати Европа на светската политичка сцена како важен играч, токму навреме за француските претседателски избори во април – пишува бриселскиот магазин.
Француските медиуми веќе прават споредби помеѓу мисијата на поранешниот претседател Никола Саркози кој успешно посредувал во конфликтот помеѓу Русија и Грузија во 2008 година. Француските власти истакнаа дека Путин минатата недела му рекол на Макрон оти тој е „квалитетен партнер за дискусија“ и дека „францускиот претседател е единствениот со кого може да има толку длабоки разговори и кој се грижи за дијалогот“.
Се смета дека Макрон ќе побара од Путин да ги повлече трупите од украинската граница и да сугерира прекин на воените активности во Црното Море, Белорусија и во водите во близина на Шкотска.
Макрон за францускиот „Журнал ди диманш“ изјави дека целта на Русија „не е Украина, туку разјаснување на правилата со НАТО и ЕУ“. Францускиот претседател, кој вчера разговараше и со неговиот американски колега Џозеф Бајден, повика на воспоставување „нова рамнотежа“ со цел да се заштитат европските земји и да се смири Русија.