На самитот КOP28 на ОН денеска во Дубаи беше усвоен договор со кој се повикуваат земјите да преминат од користење фосилни горива на други извори на енергија со цел да се спречат најлошите ефекти од климатските промени.
Претседавачот на самитот султанот Ал Џабер од Обединетите Арапски Емирати, објави дека договорот е постигнат, кој беше проследен со громогласен аплауз од речиси 200 делегации.
На самитот на Обединетите нации за климата, утринава беше објавен нов нацрт на конечниот договор, со кој се повикуваат земјите да се префрлат од користење фосилни горива на други видови извори на енергија оваа деценија, но не и постепено да ги укинуваат, како што побараа многу земји учеснички.
На ниту еден претходен самит на ОН за климата, земјите не се договорија за начините за постепено укинување на употребата на нафта, гас и јаглен.
Неизвесно е дали тоа ќе биде доволно за да се помине договорот, јави Би-би-си.
Сите 198 земји кои учествуваат мора да се согласат за да се постигне договор. Согорувањето на фосилните горива води до глобално затоплување и досега владите никогаш колективно не се договориле да престанат да ги користат.
Нацрт-договорот ги повикува земјите да преземат акција за намалување на емисиите на штетни гасови, вклучително и тројно зголемување на глобалниот капацитет за обновлива енергија и удвојување на просечната годишна стапка на подобрување на енергетската ефикасност во светот до 2030 година. Се повикува и на транзиција од фосилни горива во оваа деценија со цел целосно да се укине користењето на овој вид гориво до 2050 година.
Нацрт-договорот предвидува значително намалување на емисиите на метан до 2030 година, како и постепено укинување на субвенциите за фосилните горива.
Норвешкиот министер за клима и животна средина Еспен Барт Ејд рече дека е првпат светот да се обедини во јасна шема за потребата од транзиција од фосилни горива.
Рејчел Клетус, директор за политика и главен економист за Програмата за клима и енергија на Унијата на загрижени научници, рече дека новиот нацрт-договор испраќа силен сигнал дека светските лидери го препознаваат наглото оддалечување од фосилните горива и кон чиста енергија оваа деценија што е суштински за постигнување на климатските цели.