Економските аналитичари деновиве како една од главните теми за анализа ја имаат ситуацијата во Германија. Клучното прашање на кое сите бараат одговор е дали ова е почеток на една тешка и долготрајна криза за германската индустрија, односно застој на економскиот мотор на ЕУ. Токму тоа би можело да има несогледливи последици. Индустрија на Германија не само што е основата на нејзината извозно ориентирана економија туку е и нераскинливо поврзана со илјадници доставувачи во соседните земји-членки на ЕУ, како Чешка и Словачка, но и за многу други земји во развој чија трговска размена со Германија е исклучително висока. За нив, последиците од деиндустријализацијата во најголемата европска економија би можеле да бидат катастрофални
Неповолната прогноза за германската индустрија и стопанство има реална основа. Таа се базира на актуелните случувања во светот, кои силно се одразуваат врз земјата, која се смета за индустриски гигант, за европска производствена движечка сила. Токму Германија најавува значително намалување на динамиката на производствените капацитети до почетокот на оваа зима. Единствено благодарение на резервите на гас создадени во последните осум месеци ќе го избегне најлошото сценарио. Енергетичарите и економските аналитичари наведуваат дека без олеснување во форма на поевтина струја, енергетскиот кошмар би продолжил и во 2023 година, но и подоцна. Тој би можел да има несогледливи последици по тешката индустрија на Германија – која не само што е основата на нејзината извозно ориентирана економија туку е и нераскинливо поврзана со илјадници доставувачи во соседните земји-членки на ЕУ, како Чешка и Словачка, но и за многу други земји во развој, чија трговска размена со Германија е исклучително висока. За нив, последиците од деиндустријализацијата во најголемата европска економија би можеле да бидат катастрофални.
– Кога ќе погледнеме наназад на актуелната енергетска криза по околу 10 години, можеби ќе го сметаме овој дел како почетна точка за забрзана деиндустријализација во Германија – вели економистот на Дојче банк, Стефан Шнајдер.
Како предвесник на она што може да се случи, хемискиот гигант БАСФ – столб на германската индустрија основан пред 157 години – на крајот на октомври објави дека „трајно“ ќе ги намали своите операции во Европа за да ги избегне високите трошоци за енергија. Ваквата постапка се очекува да ја следат и други компании.
Додека БАСФ е огромен потрошувач на енергија, чија главна фабрика во Европа користи гас колку цела Швајцарија, фармацевтските компании и производителите се исто така незаситни корисници, кои може да бидат во искушение да бараат поевтина енергија на друго место.
Ова се потврдува и со фактот дека околу 9 отсто од компаниите во Мителштанд – познатиот германски центар за малиот и среден индустриски сектор – сериозно размислуваат да го преселат своето производство во странство. Ова го утврдило истражувањето нарачано од Фондацијата за семејни бизниси во Германија и во Европа, според кое, оваа најнова бројка претставува зголемување во однос на 6 отсто, кои размислуваа така пред шест месеци. Оние, пак, што немаат финансиска моќ да ги преселат своите бизниси, ќе немаат друг избор, освен да се затворат. Тоа го тврди Пер Кадах, сопственик на месарница од петта генерација, кој вработува 100 луѓе во Спрембург, источна Германија, и чиј бизнис датира од пред Француско-пруска војна. Според новите договори за гас што стапуваат во сила следната година, Кадах вели дека ќе мора да плати осум пати повисока сметка од сегашната, додека цената на суровините што му се потребни за да го води бизнисот се драстично зголемени.
Засега најголемата европска економија се држи. Бруто-домашниот производ порасна за 0,3 отсто во третиот квартал, а Голдман Сакс, која беше порезервирана во однос на Германија од другите финансиски институции, предвидува намалување од 1,1 отсто во 2023 година – болно, но не и катастрофално.
Оптимистите го посочуваат фактот дека Германија успеа да обезбеди значителни резерви на гас и дека цените се намалија од највисоките нивоа, што дава причина граѓаните да се надеваат на подобри денови. Плус, германската влада стави 200 милијарди евра на маса за да го ублажи ударот од високите цени на енергијата. Сепак, засега сето тоа е кревко. Германската економија е многу повеќе зависна од рускиот гас отколку повеќето нејзини соседи и нема лесна алтернатива, со оглед на тоа што Зелените во Владата се настроени да се спротивстават на какво било продолжување на рокот за користење нуклеарна енергија надвор од сегашниот рок од 2023 година.
Во меѓувреме, има мала надеж дека цените на гасот ќе се вратат на нивните нивоа пред пандемијата во скоро време. Додека среднорочните проекции се во најдобар случај нејасни, повеќето инвеститори очекуваат цената на природниот гас да падне под 100 евра по мегават-час само до 2025 година, што останува пет пати повисока отколку пред пандемијата. Колку подолго цените остануваат високи, толку работите стануваат потешки за германските производители и другите енергетски интензивни индустрии. Затоа Меѓународниот монетарен фонд и другите институции предупредуваат дека вистинската опасност за Германија не е оваа зима – туку следната.
– Зимава ќе биде тешка, но зимата 2023 година би можела да биде уште полоша – вели првиот заменик-директор на ММФ, Гита Гопинат, во едно неодамнешно интервју.
Експертите укажуваат дека ниското ниво на јавен долг на Германија ќе ѝ помогне на Владата да обезбеди поголема помош, доколку е потребно.