Големиот вртлог што се појави во Балтичкото Море, близу данскиот остров Борнхолм, во понеделникот, е резултат на низа експлозии кај цевководите на „Северен тек“ 1 и 2, кои пренесуваат гас од Русија до Европа, пишува „Економист“. Причината беше „очигледна саботажа“, како што истакна, американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан. НАТО соопшти дека тоа е „намерна, безобѕирна и неодговорна“ постапка, а Русија нагласи дека се работи за акт на меѓународен тероризам. Британскиот весник анализира како функционира подводната саботажа.
Западните власти во изминатите неколку години изразуваат загриженост за ранливоста на подводните кабли за кои се проценува дека пренесуваат 95 отсто од светските дигитални податоци. Британските вооружени сили во јануари соопштија дека е забележано значително зголемување на активноста на руските подморници во изминатите две децении, со особена закана кон каблите. „Економист“ посочува дека главната закана доаѓа од руската Главна команда за длабоководни истражувања (ГУГИ), што функционира засебно од морнарицата, но американскиот поморски експерт Брајан Кларк смета дека ГУГИ веројатно не е одговорна за инцидентите. А нејасно е и зошто Русија би ги целела гасоводите што во голема мера се во нејзино сопствеништво.
– Да се испратат нуркачи, дронови или торпеда, тие би требале да преминат преку Северното Море и да влезат на Балтикот, чиј тесен влез е соодветно надзиран од страна на НАТО, а големите бродови исто така би биле забележани – наведува британскиот весник, додавајќи дека во случајот на Русија би било полесно да употреби дронови на далечинско управување од Калининград, разгледувајќи ги можните сценарија.
Кларк објаснува дека цевководите и каблите во пракса се различни видови на цели. Каблите можат да бидат и несоодветно мапирани, па понекогаш доаѓа и до случајно пресекување. Таков ицидент се случи во јануари во норвешкиот архипелаг Свалбард, по што бргу се проширија гласини за руска вмешаност, пред полицијата да заклучи дека станувало збор за несреќен случај.
Од друга страна, цевководите се лесни за наоѓање, но обично се закопани или заштитени со бетонски облоги, па би биле потребни големи количества експлозив за да се оштетат. На пример, „Северен тек 1“ има бетонска обвивка со дебелина до 11 сантиметри, а данските надлежни служби сметаат дека таквата експлозија би предизвикала сеизмички потрес еднаков на детонација на 500 килограми динамит.
Никлас Гранхолм од шведската агенција за безбедносни истражувања истакна дека гасоводот од Норвешка до Полска преку Данска, што има цел за намалување на зависноста на Европа од рускиот гас, бил завршен во вторникот, еден ден по експлозиите. Тој се сомнева дека можниот напад врз „Северен тек“ претставува обид за одвраќање на ЕУ од дополнителни санкции врз Русија.