Руско откритие на Антарктикот што отвора нов геополитички предизвик
Неодамнешното соопштение на Русија за откривањето колосални резерви од нафта под антарктичкото дно ја потресе геополитичката актуелност. Имено, во Веделово Море се детектирани 511 милијарди барели нафта. Сепак, фактот дека постојат актуелни и важечки меѓународни договори што го чуваат Антарктикот како зона на мир и научни истражувања е тема што дава уште еден исклучително интересен елемент во целиот галиматијас на актуелните геополитички, геоенергетски, геоекономски и други односи во трендот на создавање нови мултиполарни односи во светот. И сега, по ова откритие, додека земјите се отрезнуваат од шокот во врска со ова, се поставуваат прашања за силата на меѓународните договори, од една страна, но и за „потенцијалот за конфликт во регионот“, од друга страна
Големината на потенцијалните резерви од нафта откриени од Русија е зачудувачка. Со 511 милијарди барели, откритието е речиси двојно повеќе од докажаните резерви на Саудиска Арабија, водечкиот светски извозник на нафта.
Руските истражувачки бродови открија нафта за време на неодамнешните експедиции во Веделово Море. Иако тие мисии беа со научен карактер, во Велика Британија и пошироко постои растечка загриженост дека Русија можеби ги маскира активностите за истражување ресурси како научни истражувања. Ова сомневање е токму во контекстот на актуелните и сѐ подинамични геополитички антагонизми и тектонски идеолошки раслојувања во светот. Токму по ова откритие, на Запад сѐ погласно се поставуваат прашања за нов „потенцијал за конфликт во светски рамки“, директно за ресурси на Антарктикот. Тие го истакнуваат Антарктичкиот договор од 1959 година, кој експлицитно забранува екстракција на минерали и нафта.
Антарктичкиот договор и растечките тензии
За потсетување, Антарктичкиот договор е потпишан во 1959 година и е клучен меѓународен договор, потпишан од 54 нации. Тој е договор што експлицитно забранува воени активности и комерцијално искористување ресурси. Во тој контекст, Лондон и други западни центри ја ставаат Москва како натрапник, ставајќи ја повторно пред светот како „виновник што уште еднаш крши меѓународни договори (алудирајќи на кршењето меѓународни договори со започнувањето на војната со Украина). Во оваа кампања се вклучени и некои западни медиуми, како „Састејнабилити тајмс“, кој пишува дека „активностите на Русија фрлаат сенка врз ефикасноста и релевантноста на договорот во услови на растечки геополитички тензии“. И некои западни научни кругови застануваат зад ова становиште, при што тие го ставаат својот личен и професионален кредибилитет за да го засилат впечатокот за ваквата теза (на западните институции) пред јавноста. Така, на пример, професорот Клаус Додс, експерт за геополитика од Универзитетот во Лондон, го изрази своето мислење за време на парламентарната седница на Обединетото Кралство. Тој истакна дека „собирањето податоци од страна на Русија може да се смета за истражување, а не за вистинско научно истражување“. Додс, исто така, ги поврза активностите на Русија со пошироки меѓународни тензии, особено по почетокот на војната на Русија со Украина во 2022 година. Тој се обиде да ја предупреди јавноста дека „затегнатите односи на Москва со Западот би можеле да доведат до зголемена стратешка конкуренција на Антарктикот“.
Од друга страна, руските претставници тврдат дека нивните мисии се во согласност со Антарктичкиот договор.
И научните истражувања водат кон нов фронт во глобалната конкуренција?
Извештајот доаѓа во време кога големите светски сили дискретно го зголемуваат своето присуство на Антарктикот. Од 1957 година, Русија воспостави пет истражувачки станици на континентот. Кина, друг значаен играч, неодамна ја отвори својата петта база на Антарктикот.
Двете земји исто така се спротивставија на иницијативите поддржани од Западот за проширување на морските заштитени подрачја на Антарктикот. Како што се намалуваат арктичките и офшор резервите, а притисоците на енергетскиот пазар се зголемуваат, претходно неискористените региони како Антарктикот привлекуваат зголемено внимание за нафта и природен гас.
Правниот пејзаж околу ова откритие е дополнително комплициран со преклопувачки територијални амбиции. Велика Британија има суверенитет над Британската антарктичка територија, вклучувајќи го и Веделово Море. Сепак, Аргентина и Чиле исто така го бараат регионот. Многу земји, вклучувајќи ги и САД и Русија, не признаваат никакви претензии кон Антарктикот, што дополнително го комплицира спроведувањето на договорот.
Иако Русија не може законски да вади нафта според сегашното меѓународно право, на Антарктичкиот договор му недостига формален механизам за спроведување. Од земјите се очекува да се придржуваат до меѓусебните договори, но и ова станува сè попредизвикувачко во фрагментирана геополитичка средина. Р.С.