Фото: ЕПА

На 95-годишна возраст денеска почина францускиот адвокат и политичар Роберт Бадентер, поранешен министер за правда, кој беше претседател на арбитражната комисија на Мировната конференција за Југославија во 1991 година, јавија француските медиуми.

Бадентер – правник, професор по право на Сорбона и претседател на Францускиот Уставен совет – во времето на распадот на Југославија беше на чело на таканаречената Бадентерова комисија, која во декември 1991 година го соопшти мислењето дека СФРЈ е во процес на распаѓање, врз основа на кој, на 15 јануари 1992 година, државите на Европската економска заедница (ЕЕЗ) ја признаа државната независност на Хрватска и Словенија во постојните граници.

Во својата долга правна и политичка кариера Бадентер се залагаше за укинување на смртната казна во Франција, што беше постигнато во 1981 година. Еврејски интелектуалец и министер во социјалистичката влада, чиј татко починал во германски концентрационен логор, Бадентер беше цел на бројни напади од француската десница, од кои некои беа антисемитски.