Турската воена база Зилкан во областа Ниневија во северен Ирак денеска била погодена со ракети, соопштија претставници на полуавтономниот курдски регион во северен Ирак.
Според соопштението на антитерористичкиот оддел на курдскиот регион во Ирак, врз базата Зилкан биле истрелани најмалку осум проектили, од кои два ја погодиле целта, пренесува АП.
Одговорноста за нападот ја презеде Бригадата на исламскиот отпор Ахрар ал Ирак, организација која е составен дел на шиитските милиции поддржани од Иран.
Претставник на турското Министерство за одбрана, кој даде изјава под услов да остане анонимен, рече дека во нападот на базата Зилкан нема жртви или штети.
Од 2019 година, Турција спроведува воени операции во северен Ирак, каде се бори против Курдистанската работничка партија (ПКК), која има упориште во овој регион. Анкара изгради неколку воени бази на северот на Ирак, што предизвика големо незадоволство кај официјален Багдад, кој ги смета овие бази за незаконски.