Подготвил: Mарјан Велевски

Реформата на таканаречениот „црвено-бел-црвен картон“, која стапи во сила, го олеснува пристапот на странската работна сила на австрискиот пазар на трудот. Откако многу компании во Австрија се соочија со проблем да најдат квалификувани работници, во јули Владата одлучи да ја спроведе реформата „црвено-бел-црвен картон“.

Целта на Владата е да создаде модерен пазар на трудот, кој би го олеснил пристапот до квалификувана работна сила и би го направил процесот на поднесување барања за дозволи поефикасен. Реформата зеде предвид многу барања на претприемачите, но и на работната сила, меѓу другото забрзување на процесот за решавање на барањата за добивање „црвено-бели-црвени картони“.

Отсега патот до таа карта е полесен за луѓето што во текот на работниот век ја промениле професијата или се занимавале со нешто друго од она што го студирале. Посебен фокус е ставен на квалификуваната работна сила за привремени проекти на пазарот на трудот.

Особено во туризмот, грижата и здравството има недостиг од работна сила, па реформата сега обезбедува помалку бирократски пат за добивање дозволи. Исто така, странски работници можат да се носат на проекти до шест месеци во иднина, а за тоа им се потребни само виза и работна дозвола без сеопфатна процедура.

Работната сила од ИТ-секторот особено ќе има корист од овој нов производ. Последователно, тие можат да побараат „црвено-бел-црвен картон“, кој им обезбедува подолг престој и право на работа.

Сега компаниите можат да бараат „црвено-бел-црвен картон“ за работната сила што ја носат од странство без поголеми бирократски процеси. Ново е и тоа дека сезонските работници што веќе три години работат во Австрија, сега имаат можност да добијат „црвено-бел-црвен картон“, пренесува Танјуг.