Како што пишува „Блумберг“, повикувајќи се на добро информирани извори, во новиот документ на НАТО, кој треба да биде поддржан од сите земји-членки, Кина ќе биде означена како „системски предизвик“, а ќе се констатира зајакнување на соработката меѓу Пекинг и Москва

Во Мадрид почна самитот на северноатлантската воена алијанса

На мадридскиот самит на НАТО, кој почна вчера и ќе трае до утре, ќе биде донесен нов стратегиски концепт на Алијансата, во кој ќе бидат дефинирани идните односи со Кина и со Русија. Како што објави „Дојче веле“, фокусот на самитот ќе биде на засилување на источното крило. Од почетокот на руската воена операција во Украина, и последниот партнер во НАТО го сфати она што со години беше предмет на планирање на сојузот. Руската закана со конвенционално оружје е поголема отколку што се мислеше и затоа Москва во новиот стратегиски концепт веќе не се нарекува „партнер“, туку „противник“.
Самитот на Алијансата во Мадрид требаше да биде проштален самит за генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, но поради конфликтот во Украина, тој сепак ќе мора подолго да остане на должноста. Триесетте сојузници сакаат во време на криза на чело на Алијансата да биде докажаниот дипломат, а Столтенберг (63), кој е генерален секретар од 2014 година, поставува јасни насоки.
Централни одлуки за иднината на НАТО ќе бидат донесени во Мадрид. Ќе усвоиме нов стратегиски концепт, ќе ја зајакнеме нашата одбранбена способност и ќе одлучиме за сеопфатен пакет за помош на Украина – најави тој пред почетокот на самитот за германскиот неделник „Шпигел“.

Како што пишува „Блумберг“, повикувајќи се на добро информирани извори, во новиот документ на НАТО, кој треба да биде поддржан од сите земји-членки, Кина ќе биде означена како „системски предизвик“, а ќе се констатира зајакнување на соработката меѓу Пекинг и Москва.
Се очекува документот да изрази загриженост поради Кина во области како што се сајбер-безбедноста, дезинформациите, контролата на критичната инфраструктура и меѓународниот поредок. Како што потсетува „Блумберг“, претходната верзија на концептот, усвоена во 2010 година, не содржела индикации за Кина, а Русија ја опишала како партнер во Алијансата.
Претходно беше најавено дека лидерите на НАТО во Мадрид ќе го одобрат ажурираниот стратегиски концепт на Алијансата за периодот до 2030 година.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека лидерите на земјите од Алијансата во новиот концепт ќе ја наречат Русија „главна закана за колективната безбедност“. Столтенберг ја изнесе оцената дека Русија „отстапила од партнерството и дијалогот“, кој „НАТО со години се обидуваше да го воспостави“, а кој беше нарушен и со руската операција во Украина.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пред почетокот на самитот, најави дека ќе биде зголемен бројот на сојузничките војници во висока подготвеност од 40 илјади на повеќе од триста илјади. Овој потег е дел од настојувањата на НАТО да создаде нова структура на силите во рамките на националните трупи да бидат во различно ниво на подготвеност, кои ќе бидат подготвени да дејствуваат во краток период во случај на криза.

Како поважен настан на тридневниот самит на НАТО ќе биде и одржувањето на средбата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со претседателот на Финска, Саули Нинисто, и шведската премиерка Магдалена Андерсон, околу приемот на овие две скандинавски земји во НАТО. Пред да отпатува во Мадрид, турскиот претседател изјави дека Финска и Шведска мора да ја земат предвид загриженоста на Турција и двете земји да испорачаат резултати доколку сакаат да бидат членки на НАТО.
Шведска и Финска во мај поднесоа барање за членство во НАТО, по нападот на Русија на Украина. Турција, како членка на Алијансата, ја блокира нивната кандидатура затоа што смета дека двете земји имаат премногу благ став кон организациите како Работничката партија на Курдистан (ПКК), која ѝ се спротивставува на Турција. Анкара смета дека Шведска и Финска ги кријат членовите на ПКК и лицата што се поврзуваат со неуспешниот обид за пуч во Турција во 2016 година и затоа бара испорачување на овие лица.
На оваа тема е најавен разговор меѓу турскиот претседател Ердоган и претседателот на САД, Џо Бајден. Средбата со Бајден ја потврдија и од кабинетот на Ердоган, кој ќе го постави и прашањето за одолжувањето на Вашингтон за испорака на нови борбени авиони „Ф-16“ за Анкара.