Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж денес ја започнува можеби последната правна битка што би можела да го спаси од екстрадиција во Соединетите Држави (САД) од Велика Британија по 13 години борба против властите во судовите на Англија, пренесе „Ројтерс“.
Американските обвинители сакаат да му судат на 52-годишниот Асанж по 18 точки поврзани со неговото објавување на голем број доверливи американски воени и дипломатски извештаи преку Викиликс.
Тврдат дека протечените информации ги изложиле на ризик нивните агенти и дека нема оправдување за такво кривично дело.
Правните битки на Асанж започнаа во 2010 година, по што тој помина седум години во амбасадата на Еквадор во Лондон, пред да биде екстрадиран и затворен во 2019 година поради прекршување на условите за неговото ослободување. Оттогаш тој е во најстрогиот затвор во југоисточен Лондон, каде дури и се ожени.
Обединетото Кралство ја одобри неговата екстрадиција во САД во 2022 година, откако судијата првично ја суспендираше поради загриженост за менталното здравје на Асанж, односно ризикот од самоубиство доколку биде депортиран.
Неговите адвокати ќе се обидат да ја оспорат одлуката за екстрадиција на дводневното рочиште пред судиите во Високиот суд во Лондон, кога Асанж може да ја добие последната шанса да ја запре екстрадицијата пред англиските судови. Неговата сопруга Стела минатата недела изјави дека се работи за живот и смрт.
Викиликс стана познат во 2010 година кога објави видео на кое американската војска уби десетици луѓе, вклучително и двајца новинари на „Ројтерс“, во напад од хеликоптери Апачи во Багдад во 2007 година.
После тоа, тој објави илјадници тајни доверливи документи и дипломатски извештаи во кои САД ги критикуваат светските лидери – од рускиот претседател Владимир Путин до членовите на саудиското кралско семејство.