Тајванската претседателка Цаи Инг-вен денеска прими делегација од САД, во екот на тензиите со Кина.
Ерик Холкомб, гувернер на американската сојузна држава Индијана, вчера пристигна во Тајпеј во четиридневна посета. Пред тоа, во посета на Тајван беа високите демократи Ненси Пелоси и Ед Марки.
Како одговор на посетата на Пелоси, Пекинг започна големи воени маневри околу Тајван.
Во нејзиниот разговор со Холкомб во претседателскиот кабинет, Цаи нагласи дека САД и Тајван се клучни безбедносни и економски сојузници во индо-пацифичкиот регион.
– Тајван се спротивстави на воените закани од Кина, во и околу Тајванскиот Теснец. Во овој момент, демократските сојузници мора да застанат заедно и да ја зајакнат соработката во сите области – рече Цаи.
Таа исто така рече дека Тајван сака да ја зајакне соработката во градењето одржливи синџири на снабдување.
Холкомб потпиша меморандум за разбирање со Министерството за економија на Тајван за олеснување на билатералната деловна, трговска и научна соработка.
Според тајванското Министерство за надворешни работи, Холкомб планира да се сретне со други високи владини претставници и претставници на секторот за производство на полупроводници.