Норвешка со две милијарди круни (околу 205 милиони евра) ќе ѝ помогне на Украина да обезбеди гас за претстојната зима, најави денеска норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.
– Како резултат на војната, Украина има итна потреба од надворешна поддршка. Украина побара од Норвешка да преземе водечка улога за да гарантира пристап до енергија. Ние се согласуваме и предлагаме да се искористат две милијарди круни за да можат Украинците да купуваат гас оваа есен и зима – наведе Сторе.
Двете милијарди круни се дел од веќе ветената помош од 10 милијарди круни од Норвешка за Украина, што ќе бидат исплатени преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која ќе има задача да го набави гасот.
– Нашиот придонес за набавка на гас главно ќе помогне да се обезбеди греење за болниците и училиштата во Украина оваа зима и можност за подготовка на топла храна – истакна Сторе.
Тој упати апел до другите европски земји да го следат примерот на Норвешка.