Узурпирањето земјоделски површини за производство на храна се наметнува како најболна точка од зелената револуција

Последниве години една од најгласните мантри на европските политичари е зелената трансформација на општеството и економијата, исфрлањето на старите извори на енергија и префрлање на нови – како што се ветерот и сонцето. Во тие рамки значајно место има Зелениот договор на Европската Унија, кој има јасна цел – климатски неутрална и поотпорна Европа до 2050 година. Европскиот зелен договор е презентиран како нова стратегија за раст, која има цел да ја претвори ЕУ во фер и просперитетно општество, со модерна, ефикасна и конкурентна економија каде што во 2050 година нема емисии на стакленички гасови и каде што економскиот раст е независен од употребата на ресурси. Но дали е сѐ така и во практиката?

Се разгорува битката „за и против“ исфрлањето на класичните извори на енергија и префрлање на нови, не само поради дефицитот на енергија

Во напорите да ги трансформираат општествата, честопати политичарите знаеја да претераат во своите залагања да се покажат како верни следбеници на некоја идеја. На пример, веќе се прераскажува изјавата на поранешниот британски премиер Борис Џонсон од почетокот на оваа година дека целта на Владата е Велика Британија да ја претвори Саудиска Арабија во земја на ветерот, а не на нафтата. Наедно, тој не застана на најавите за инвестиции во искористување на ветерот, туку во британската зелена агенда го вклучи и користењето на сончевата енергија. Разбирливо, ваквата негова изјава предизвика потсмев кај многумина бидејќи е познат факт дека британските острови навистина немаат изобилство на сончево зрачење и нема простор да се инсталираат толку многу мрежи на соларни панели што би ја усогласиле Велика Британија со плановите за зелена трансформација.

Ако Велика Британија сака да ја произведува целата своја енергија од ветер и сончева светлина, тогаш нејзината територија би требало да биде двојно поголема

Но не се потсмеваа сите со Џонсон, туку за да ја докажат бесмисленоста на таквите размислувања, некои од аналитичарите отидоа и чекор понатаму, па го извадија на светлото на денот веќе подзаборавениот документ, трудот објавен во 2013 година од британскиот научник Дејвид Џ. Меккеј. Во него авторот ја пресмета потрошувачката на енергија по жител во неколку земји и ја спореди со просечната густина на инсталираните соларни панели и турбини на ветер и, уште поважно, со густината на населението. Се заклучи дека во Велика Британија луѓето користеле просечно 1,25 ват струја на квадратен метар. Понатаму, Меккеј, исто така, откри дека просечната густина на електроцентрали, соларни панели и фарми со ветерници е приближно иста. Тоа би значело дека ако Велика Британија сака да ја произведува целата своја енергија од ветер и сончева светлина, тогаш нејзината територија би требало да биде двојно поголема. Само просторот за производство на енергија од соларни и ветерни извори би бил со големина на Велика Британија и во него нема да има место за ништо друго, ниту за луѓето ниту за нивните згради и земјоделско земјиште.
Во својот труд, Меккеј заклучи и предупреди: „Во декарбонизиран свет што се напојува со обновливи извори со користење на денешната технологија, површината потребна за производство на енергијата што се троши во Велика Британија денес, ќе треба да биде речиси со големина на Велика Британија“.
Но она што е уште пострашно е фактот што поборниците на зелената трансформација не избираат средства за да дојдат до простор каде што ќе може да се постават капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, соларни панели и ветерници. Во таквите нивни напори, на удар се најде земјоделското земјиште, со што производството на храна е сериозно загрозено од проширувањето на областите каде што се инсталирани соларни панели и други објекти за зелена технологија, бидејќи зеленото лоби се обидува да добие што е можно поголеми површини.

Производителите на храна се судираат со енергетските компании, кои претходно окупирале земјоделски земјишта за инсталирање соларни панели

Неодамна „Блумберг“ објави оцена дека во светот поради екстремни природни настани, како поплави и суши, земјоделското производство е загрозено, а производството на храна истовремено се намали, што го привлече вниманието на проширувањето на капацитетите за користење на сончевата енергија.
Намаленото производството на храна предизвикано од природни катастрофи, во некои делови од светот се компензираше со обработувањето нови земјишта, но во тој процес производителите и владите се судрија со компаниите што претходно го окупираа истиот простор за инсталирање соларни панели. Ова беше особено видливо во земјите што се лидери во инвестициите во енергијата од ветер и сончева енергија, како што се САД, Кина и Европската Унија. Ова ги стави властите пред избор помеѓу продолжување да користат обработливо земјиште за енергија од ветер и сончева енергија или да го користат за производство на храна. Ова лето, Кина разгледа некои проекти за проширување на соларните капацитети, со цел да се обезбеди доволно простор за земјоделско производство. Се разбира, во Кина проблемот е периферен поради огромната површина, но во земји како што се членките на Европската Унија со голема популација и голем просторен развој, проблемот сѐ повеќе се изразува како една од најболните точки на голема зелена револуција. Не се работи само за простор за поставување постројки за искористување на енергијата на ветерот и сончевата енергија туку и за простор за ископ на ретки минерали, кои се потребни во современите батерии и другите компоненти на зелената технологија. Проблемот е изразен главно во случајот со Европската Унија, која се прогласува за лидер на зелената револуција, а нема простор за поставување енергетски постројки, каде што соларните панели се особено проблематични, ниту простор за отворање рудници и преработка на извлечена руда со цел да се извлечат ретки метали потребни за технолошки зелени трансформации.
Станува збор за „ретки земјени метали“ или „елементи од ретки земји“ при што обично се мисли на 17 хемиски елементи, кои поради нивните геохемиски својства се расфрлани и ретко се среќаваат во концентрирани, економски профитабилни форми на експлоатација. Тие се незаменливи во производството на високотехнолошки уреди, компјутери и други електронски производи, но и батерии со својства потребни за електрични возила и сите уреди потребни во технологијата на зелена трансформација на економијата.

Проблемот со просторот се наметнува како „Ахилова петица“ на зелената
трансформација

Од почетокот на развојот на европската зелена политика, несомнено беше јасно дека Европа нема доволно извори на сончева и ветерна енергија. Бројот на ветерни електроцентрали и постројки со соларни панели што би биле потребни за замена на јаглеводородните горива во широка употреба и до степенот предвиден со европската зелена политика, едноставно целосно би ја опустошил густо населената и инфраструктурно екстремно развиена европска средина во многу делови.
Сега кога европската зелена револуција започнува со усвојување и имплементација на пакетот мерки усвоен од Европската комисија наречен „Фит фор 55“, со кој би се постигнал намалување на емисиите на јаглерод диоксид во компаниите и домаќинствата во ЕУ за рекордно кратко време со целта за намалување на емисиите на јаглерод диоксид во 2030 година од неверојатни 55 проценти во споредба со ситуацијата во 1990 година, станува сосема очигледно дека поради недоволното количество сончево зрачење, непостојаните ветрови, големата густина на населението и малку слободен простор, Европа едноставно нема условите за сместување и инсталирање на таква маса на зелени енергетски постројки како што бара новата амбициозна зелена политика.
Затоа, Европската Унија ќе мора, доколку сака да ја спроведе планираната зелена транзиција, да почне да обезбедува простор надвор од нејзините граници за да ја смести својата инфраструктура за производство на зелена енергија. Европската Унија, односно нејзините најмоќни членки, ќе мора да се борат за простор за да опстанат во конкуренција со другите сили.
Токму проблемот со просторот се наметнува како „Ахилова петица“ на зелената трансформација. Станува збор за проблем што поради неговото влијание врз животната средина и населението, не може едноставно да се забие под тепих, да се скрие од јавноста или да се покрие со зелена пропаганда, како што се прави со другите проблеми што се појавуваат во зелената трансформација. Ненадејно, поради ваквите напори да се изнајде дополнителен простор за новите постројки, под силен притисок ќе се најдат земјоделството и сточарството. Под разни изговори тие се веќе под удар на зелената револуција, а најголемиот грев што им се припишува е количеството стакленички гасови што земјоделството и сточарството ги испуштаат во атмосферата.

Како резултат на сето ова доаѓа информацијата од Холандија дека државата планира да заколе 30 отсто од вкупниот добиток, со цел да ги намали емисиите на азот до наведените нивоа. Во некои области од земјата се планира оваа емисија да се намали и до 70 отсто. Повторно пресметано, до 2030 година сегашниот сточен фонд на Холандија треба да се намали за речиси 30 милиони грла, а Владата ќе се обиде да ги убеди фармерите да го намалат бројот на добиток или целосно да се откажат од земјоделството со компензации со огромен фонд од 25 милијарди евра. Холандската влада, во согласност со својата зелена политика, се обидува да спроведе план, според кој, околу 10 до 12 илјади сточари би ги затвориле своите фарми, а околу 18 илјади би го намалиле бројот на добитокот на нив.
Гледајќи какви рестрикции им се наметнуваат на земјоделците во Холандија овие денови и какви брутални методи користи државата за да се справи со нивните протести во спроведувањето на зелената трансформација, станува јасно дека дојде моментот кога нежните зелени ракавици се симнати од рацете на спроведувачите на зелениот револуционерен бран и кога ќе се открие вистинското лице на зелените идеологии како револуционерни и насилни, велат противниците на „зелената револуција“.
Тие дури алармираат дека вистинското прашање е што навистина стои зад комбинираниот напад на државата и олигарсите на зелената револуција врз земјоделците. Зад приказната за потребата од намалување на емисиите на азот, сосема е извесно дека има потреба од освојување на просторот потребен за изградба на постројки за зелена енергија. Со уништување на фармите и истерување на производителите на храна и добиток, земјоделското земјиште би се претворило во огромни простори за инсталирање соларни панели и ветерници, додаваат тие.

Подготвил: Mарјан Велевски