Фото: ЕПА

Потезите на јапонските и севернокорејските лидери навестуваат дека е на повидок политичко-дипломатско билатерално „салто мортале“ и дека е можно помирување меѓу двете држави, кои сѐ уште се во конфликт

НА ИСТОКОТ НЕШТО НОВО

Во новогодишната ноќ спроти 2024 година, западниот брег на Јапонија (полуостровот Ното во префектурата Ишикава) беше погоден од силен земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала, при што загинаа 241 лице, 12 исчезнаа, 1.300 беа повредени и десетици илјади дома беа оштетени. Пет дена подоцна, севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун испрати порака до јапонскиот премиер Фумио Кишида. Тој изрази „длабоко сочувство“ до него и до ужалените семејства на жртвите.
Пораката на Ким, објавена во главниот весник на државата, беше кратка и на многу начини необична, со невообичаено помирлив тон, имајќи предвид дека двете земји немаат официјални дипломатски односи и дека севернокорејските државни медиуми редовно жестоко ги напаѓаат јапонските претставници и јапонската држава. Повеќе од еден месец подоцна, потезите на јапонските и севернокорејските лидери навестуваат дека е на повидок политичко- дипломатско билатерално салто мортале и дека е можно помирување меѓу двете држави.

Иницијатива на Кишида

Фумио Кишида ги засили напорите за нормализирање на односите годинава, откако виде ветувачки знаци од Пјонгјанг.
– Мораме да преземеме храбар чекор за да го промениме статус квото. Јапонија „вложува различни конкретни напори“ – рече тој пред Комитетот за буџет на Претставничкиот дом на јапонскиот парламент на 9 февруари.
Говорејќи во парламентот на 13 февруари, јапонскиот премиер им рече на пратениците дека „за него е исклучително важно да преземе иницијатива за градење врски на највисоко ниво“ со Пјонгјанг и дека Токио „не треба да губи ни момент“. Кишида уште порано, на пример во говорот пред Генералното собрание на ОН во септември минатата година, изјави дека ќе се заложи за самит со Севернокорејците за да се реши прашањето за киднапираните јапонски граѓани. Последната средба меѓу јапонскиот премиер и севернокорејскиот лидер беше во 2004 година во Пјонгјанг, кога Јуничиро Коизуми се сретна со Ким Џонг-ил. И тогаш на дневен ред беше прашањето за киднапирањата, кое не беше решено. Поради деликатноста на ситуацијата, Јапонија официјално не ги информира САД за можен самит со Народна Демократска Република Кореја (НДРК).

Помирливата реторика на Ким Јо-јонг

Изјавите на Кишида беа примени многу позитивно во Пјонгјанг. Во изјавата од 15 февруари, Ким Јо-јонг, моќната сестра на севернокорејскиот врховен водач Ким Џонг-ун и членка на Комисијата за државни работи на НДРК, претпазливо ги пофали „позитивните“ изјави на Кишида за неговата намера да изгради квалитетни односи со Пјонгјанг. Ким изјави за Корејската централна новинска агенција (КЦНА) дека „нема причина“ Пјонгјанг и Токио да не одржуваат блиски врски.
– Мислам дека нема да има причина да не се оцени неговиот неодамнешен говор како позитивен доколку тој беше мотивиран од неговата вистинска намера смело да се ослободи од оковите на минатото и да ги промовира односите меѓу Демократската Народна Република Кореја и Јапонија – рече Ким.
Во тој контекст, Ким Јо-јонг тврди дека посетата на Кишида на Пјонгјанг е можна само доколку Јапонија престане да ја оспорува севернокорејската нуклеарна и балистичка програма и не го отвори „веќе решеното“ прашање за киднапирањата јапонски граѓани од Северна Кореја. Ким рече дека ако Јапонија донесе „политичка одлука да отвори нов начин за поправка“ на односите меѓу двете земји, Пјонгјанг и Токио „можат заедно да отворат нова иднина“.
Таа инсистираше на тоа дека нејзините коментари го одразуваат само нејзиниот „личен став“, меѓутоа тешко е да се поверува дека таа дала коментари спротивни на ставовите на нејзиниот брат. Такво нешто би било скандалозно за севернокорејскиот режим. Со фразата „лично мислење“, членката на Комисијата за државни работи на НДРК сака да го ослободи својот брат од одговорност за евентуалниот неуспех на јапонско-севернокорејското зближување.

Севернокорејските мотиви за соработка

Изјавите на Ким се чини дека се проактивен потег на севернокорејската влада, која има намера да ја поддржи идејата за самитот на Кишида како одговор на трилатералното партнерство САД-Јужна Кореја-Јапонија и во светлината на воспоставувањето дипломатски односи на Јужна Кореја со Куба еден ден претходно, на 14 февруари.
Куба беше важен партнер на С. Кореја. Двете земји се поврзани со марксистичката идеологија и антиамериканизмот. Воспоставувањето односи меѓу Сеул и Хавана дефинитивно не е добар редослед на настани за Пјонгјанг. Иако партнерството со Хавана ќе продолжи, севернокорејските креатори на политиката ќе мора да одговорат со нови надворешнополитички досетки за зајакнување на нивната меѓународна позиција. Еден од нив е можното зближување со до неодамна омразените Јапонци. Освен тоа, соработката со Јапонија би можела значително да ѝ помогне на заспаната севернокорејска економија.

Важното прашање на киднапирањата

Објективно гледано, на јапонските власти ќе им биде многу тешко да се согласат со наведените услови на Ким Јо-јонг. На 16 февруари, Јошимаса Хајаши, главен портпарол на јапонската влада, не сакаше да каже како Токио гледа на коментарите на најмоќната жена на С. Кореја, но нагласи дека Јапонија не може да прифати дека проблемот со киднапирањето е решен.
– Јапонија има намера сеопфатно да ги реши отворените прашања, како што се нуклеарните и ракетните прашања и киднапирањата“ – им рече Хајаши на заинтересираните новинари.
Прашањето за киднапирањата е главното прашање што ги оптоварува односите меѓу двете земји веќе половина век. Киднапирањата, кои сами по себе се бизарни, се случија во текот на 1970-тите и 1980-тите како дел од напорите на севернокорејскиот режим да обучи шпиони со познавање на јапонскиот јазик и култура. Јапонците тврдат дека се случиле вкупно 17 киднапирања, додека Севернокорејците признаваат само 13. Во 2002 година изолираното кралство се извини и врати петмина од киднапираните, додека тврдеше дека другите умреле. Многумина во Јапонија сè уште веруваат дека некои од киднапираните Јапонци сѐ уште се живи и дека режимот на Ким ги користи за свои цели.
– Анкетите на јавното мислење постојано покажуваат дека прашањето за киднапирањето е главен приоритет за јапонските гласачи. Речиси секој јапонски конзервативен политичар носи сини беџови секој ден за да го изрази своето верување дека прашањето на киднапираните е исклучително важно и не е соодветно обработено. Кишида не може едноставно да го заобиколи прашањето и да одржи билатерален самит што ќе се фокусира само на други прашања – рече Џефри Џеј Хол, експерт за јапонска политика на универзитетот за меѓународни студии „Канда“.

Јапонските мотиви за соработка

Секој напредок во однос на прашањето за киднапирањето или намалувањето на тензиите на Далечниот Исток би можело да му ги даде на Кишида многу потребните политички поени. Поддршката за неговата влада е само околу 25 отсто во услови на економски проблеми и спектакуларниот корупциски скандал на владејачката партија со проневера на средства во износ од неколку милиони јени. Обвинети беа дури десет политичари од Либерално-демократската партија (ЛДП) на Кишида. Следните општи избори во Јапонија се закажани за октомври 2025 година, но времето брзо ќе помине и Фумио Кишида мора да размислува за својата политичка иднина.
Ако односите се нормализираат, Јапонија би можела да му помогне на Северот да се искупи за својата колонијална окупација од 1910 до 1945 година, главно преку економски инвестиции. Јапонците имаат голем интерес за економска соработка бидејќи НДРК е богата со економски потенцијали што не се искористени. Понатаму, нормализацијата на односите со С. Кореја може да го зголеми дипломатското влијание на Јапонија во меѓународната заедница. Со учество во дипломатските напори за решавање на проблемот на Корејскиот Полуостров, Токио може да ја зајакне својата позиција како регионална сила.